Милошоски ги прозва Канал 5 и Телма да продолжат да истражуваат за убиството на Мартин Нешковски

По објавувањето на целата содржина на ,,бомбата“ (прислушуван разговор), меѓу Никола Груевски и Гордана Јанкуловска по убиството на Мартин Нешковски на победнички митинг на ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски ги прозва телевизиите Канал 5 и Телма да продолжат да истражуваат ревносно како после бомбите што ги објавуваше Заев.

,,Во 2015 година, во име на вистината и јавноста, ТВ Телма редовно известуваше за убиството на Мартин Нешковски, врз основа на објавената ,,бомба” од Зоран Заев, во траење од 3 минути. Сега гледаме дека таа ,,бомба” во целост траела 12 минути, а скратените 9 минути можат да значат и кратење од вистината.
Дали уредниците на ТВ Телма, Атанас Кировски и неговите колеги, овие денови ќе истражуваат повторно, во име на вистината, што се случило со убиството на Мартин Нешковски, што се случило со прислушкуваната ,,бомба” и дали некој го има злоупотребено овој трагичен настан?“-прашува во пост на ФБ.

Милошоски ја прозва и ТВ Канал 5:

,, Во 2015 година, ТВ Канал5 слабо известуваше за убиството на Мартин Нешковски, а после објавата на ,,бомбата” од Зоран Заев, во траење од 3 минути. Една угледна новинарка, тогаш вработена во Канал 5, а сега во друга телевизија, кажа дека тогаш од МВР имале забрани за истражување и известување. Денес, за среќа, се гледа дека Канал 5 има многу добри релации со МВР и Владата.
Овие денови сведоци сме дека таа ,,бомба” за Мартин Нешковски во целост траела 12 минути, а скратените 9 минути можат да значат и кратење од вистината или манипулација на мотивите.
Затоа прашање е дали денес уредниците на ТВ Канал5 ќе ги искористат добрите релации со владата и ќе истражуваат во име на јавниот интерес, во име на вистината, што се случило со убиството на Мартин Нешковски, што се случило со целосната прислушкувана ,,бомба” и дали некој од политиката или МВР го има злоупотребено овој трагичен настан?“-пишува Милошоски.

Целата содржина на бомбата беше објавена на ФБ профилот Ел Чека.

Од Канал 5 му одговорија на Милошоски и го прашаа каде бил тој за време на убиството на Нешковски.

,,Еве во име на јавниот интерес Ве замолуваме да одговорите на овие прашања:

1. Зошто владата во која бевте министер, молчеше за убиството цели 48 часа?

2. Дали некогаш побаравте одговорност во вашата партија и во владата за очигледниот обид да се прикрие и заташка случајот?

3. Дали сте се запрашале кој и зошто од МВР и владата тогаш вршеа силен притисок врз медиумите да не известуваат за убиството?

Канал 5 има принципиелен став за разно-разните “бомби” – ниту порано ниту сега не ги објавува, од проста причина, да не влегуваме во валканите политички игри. Но, затоа се надеваме дека истрагата што ја води СЈО еден ден ќе даде одговори на прашањата кои Ви ги поставивме и Вам. Како што беше со случајот ,,Моќник” во кој сте првоосомничен, и кој се надеваме еден убав сончев ден кога Македонија ќе стане правна држава, ќе добие и судска разрешница“-се вели во реакцијата на К5.