Милошоски демантира дека се повлекува од политиката

Милошоски: Ќе бидам дел од политичката трка

Досегашниот потпретседател на Собранието и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, за МКД, ги демантира информациите дека заминува од политиката и дека ќе се занимава со друга професија.

„Ќе бидам дел од политичката трка. Секоја друга професија која што би можел да ја работам како професор, нотар или научен соработник, ќе биде во мирување сѐ додека имам поддршка од граѓаните и од партијата да извршувам обврски во интерес на државата“, изјави Милошоски за МКД.мк.

Дел од медиумите вчера објавија дека Милошоски на прес-конференција потврдил оти не влегува во трката за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните предвремени парламентарни избори на 11 декември. Според медиумите, Милошоски, наводно подготвува нотарска канцеларија во центарот на Скопје и ќе ја смени професијата.

Но, тој тврди дека засега не размислува за промена на професијата.

Инаку, Милошоски на сите избори од 2006 година досега беше носител на листа во некоја изборна единица. Од 2006 до 2011 беше министер за надворешни работи, па се повлече од функцијата од, како што рече тогаш, семејни причини.

Потоа требаше да замине за амбасадор во Хрватска, но се повлече од трката и стана потпретседател на Собранието, – известува МКД.

Инаку, на вчерашната прес конференција од Битола, за која известуваше и Актуелно, Милошоски не кажа дека нема да влезе во изборната трка. Тој само рече дека остануваат на располагање на партија и дека допрва ќе се кројат партеничките листи.