Министерот Спасовски најостро го осуди денешниот напад врз Никола Тодоров

Изразувам загриженост и најостро го осудувам денешниот инцидент, во кој со огнено оружје беше нападнат поранешниот министер за здравство и поранешен пратеник Никола Тодоров, рече на денешната прес конференција министерот Оливер Спасовски.

„Без оглед на мотивите, огорченоста и причините за ваквиот напад, правото на живот на секој граѓанин е неприкосновено право. Изминативе години системот на владеење на правото и правната држава беа урнати. Грубата политизација и партизација на виталните државни институции придонесоа граѓаните да ја изгубат довербата и да бараат начини за постигнување на правдата. Како министер за внатрешни работи ги осудувам сите кривични дела и секое нарушување на безбедноста на граѓаните и државата. Но, истовремено ќе ги преземам сите неопходни активности со кои граѓаните повторно ќе ја вратат довербата во Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски.

Според министерот Спасовски, институциите на државата мора да работат во интерес на заштита на граѓаните и почитување на правниот поредок.

„Доколку било кој носител на функција сторил кривично дело додека ја извршувал функцијата, против него ќе биде поведена соодветна кривична постапка, водејќи се од начелото на објективност и начелото на пресумпција на невиност. Упатувам повик до сите граѓани да не преземаат никакви дејствија со кои ќе го загрозат сопствениот живот и животот на граѓаните. Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите законски мерки кои се во негова надлежност за расчистување на мотивите и последиците од денешниот инцидент“, рече Спасовски.