Министерот Адеми прави чистка во Министерство за култура

Златко Теодосиевски, член на телото за реформи во Министерство за култура, доби известување од министерот Асаф Адеми дека не му се потребни неговите совети во областа на реформите.

Ова, на својот ФБ профил го објави Теодосиевски, кој беше дел од советодавниот тим составен од претходниот министер, Роберт Алаѓозовски.

,,Меѓу првите честитки во Новата 2019 ми беше и од министерот за култура со известување дека „нема потреба од мое понатамошно ангажирање како стручно советодавно лице за креирање на културни политики за 2019 година“. Јас, наивен, мислев дека реформите допрва почнуваат, а тие штотуку – завршиле!
Но, од друга страна, мислам дека министерот ми направи услуга да не бидам соучесник во тоа што следува. Морам да најдам начин да му се заблагодарам.
Но, уште едно „но“: ова се паѓа токму на 20-годишнината од моето прво „заблагодарување“ – да не речам бркање – од Министерството за култура. Тогаш, во таа 1999 година, тогашниот министер Димитров односно ВМРО-то ме шутнаа, не ми се ни заблагодарија. Сега, после цели 20 години, овие од СДСМ односно нивниот коалициски партнер, тоа го прават барем со благодарница! Судбина“-напиша Теодосиевски.

Во ова тело членуваат и Ѓунер Исмаил, Валдимир Милчин и други.

Пред Нова Година, министерот Адеми ја разреши Бранка Костиќ Марковиќ од местото претседател на УО на Македонска филхармонија, по нејзиното одбивање да потпише незаконска систематизација на работни места во Филхармонија, по што дојде до отворено недоразбирање со директорот на оваа институција. .