Министерот за внатрешни Нухиу и НВО разговарале за меѓусебна соработка

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу остварил средба со претставници на неколку невладини организации од Република Македонија кои се истакнати во областа на човековите права-соопштуваат од МВР. На средбата е разговарано за тоа како министерството за внатрешни работи, како една од најзначајните институции во државата која има секојдневни контакти со граѓаните, може да придонесе за подобрување и унапредување на нивните права. Улогата на полицијата во развојот и почитувањето на човековите права е особено значајна во вакви турбулентни периоди, потенцирале соговорниците на средбата.

Исто така, на средбата е дискутирано и за начините на кои може да се подобри функционирањето на службите во министерството кои работат на издавање на личните документи. Според претставниците на граѓанските здруженија и министерот Нухиу, зголемувањето на ефикасноста и флексибилноста на овие служби, исто така, ќе даде значаен придонес во зголемувањето на довербата на граѓаните кон полицијата. Граѓанскиот сектор и институциите на државата треба да бидат партнери и на тој начин ќе придонеат за подобрување на состојбата со човековите права, потенцирал министерот Нухиу.