Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу учествуваше во згрижување на бездомник

На иницијатива на Министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу, денес (07.01) во соработка со градскиот центар за социјална работа беше згрижено едно лице – бездомник – кој деновиве поради екстремно ниските температури бил засолнет во еден од влезовите на станбените објекти во близина на ПС Центар-информираат од МВР.

Бездомникот од страна на полициски и социјални службеници е однесен во Центарот за згрижување на бездомни лица во Момин Поток. Истовремено, министерот Нухиу иницираше и во наредниот период полициските службеници да посветат внимание на бездомни лица во насока на нивно згрижување, особено сега кога временските услови се директна закана по нивниот живот-соопштуваат од МВР.

Министерот за внатрешни работи Нухиу денеска ја посетил и Полициска станица Бит Пазар каде што разговараше со челните луѓе на оваа скопска полициска станица. Притоа, министерот Нухиу беше информиран за тековните активности на полициската станица, особено во контекст на јавниот ред и мир за време на новогодишните и божикните празници, како и за состојбите со безбедноста и криминалитетот на подрачјето на оваа ПС.

За активностите на Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу МВР известува покрај на македонски, на албански и на англиски јазик.