Министерот за финансии тврди дека редовно се сервисираат обврските кон стопанството

Министерот за финансии Кирил Миноски ги демантира стопанските комори дека државата им должи на фирмите стотици милиони евра и дека новата влада треба да се задолжи над една милијарда за да се раздолжи.

Тој вели дека тоа не е точно и дека државата не им должи ништо на стопанските субјекти.

Во име на Министерството за финансии би сакал да ги демантирам тврдењата на дел од претставниците на стопанските комори дека постојат нереализирани обврски од страна на Министерството за финансии кон приватните компании. Сите доспеани обврски во трезорот на Министреството за финансии благовремено се реализираат, изјави Миноски.

Министерот за финансии како парадокс ги оцени изјавите на претставници на Стопанската комора дека треба да се земе кредит од милијарда евра од страна на државата, бидејќи истите тие тврделе дека државата е презадолжена, а сега се демантираат и бараат ново задолжување од милијарда евра.

Сметаме дека овие изјави се тенденциозни и звучи парадоксално, но оние кои ги заговараа тезите за висок јавен долг, денес говорат дека постои простор за дополнително задолжување од милијарда евра и сето тоа оди во насока на определени политички опции кои што имаат определени политички амбиции, изјави Миноски.

Според него, за добрата макроекономска политика која се спроведува, како и за нискиот и одржлив јавен долг, пишува и во најновиот извештај на кредитната агенција Фич и тој, како што вели, е потврда за економските политики на Владата, а рејтингот на земјава би бил поголем доколку нема политичка криза.