Министерот Манчевски со личен пример покажа како ќе чисти администрацијата во сабота

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и претставничката на граѓанското здружение „Не биди ѓубре“, Ирена Ристиќ, денеска одржаа прес конференција на која ги претставија деталите од масовната еколошка акција „Администрацијата чисти со ‘Не биди ѓубре’“, која ќе се одржи во сабота, на 14ти декември, со почеток од 12.00 часот.

„Изминатите две недели активно работевме на организација на големата еколошка акција за чистење на ѓубре, во која учество ќе земат вработените од државните институции.  Решивме да се приклучиме на акциите кои ги организира грѓанската иницијатива “Не биди ѓубре”, наместо класично да работиме во сабота”, рече министерот Манчевски.

Вкупен број од 40.000 луѓе, на 14ти декември ќе чистат на 20 локации во градот.

Локациите се следни:  Сарај – Треска, Аквадуктот – Каналот, СЦ Борис Трајковски, Кале, Музеј на современа уметност, Касарна Илинден, Јужен Булевар, Бихачка, Државно училиште за физичка култура – М.М Брицо, железничка и автобуска станица, улица Џон Кенеди, Собрание, улица Македонија, МКЦ и МРТВ, касарна Гоце Делчев , ул. Ферид Бајрам, ул. Александар Урдаревски, Европска Очна Болница – Јурија, ул. Индустриска и Кеј на река Вардар.  

“За успешно спроведување на акцијата, на секоја од локациите одговорни ќе бидат самите раководители, односно премиерот, министрите, градоначалниците и директорите. Дополнително, секаде каде што е потребно, обезбедена е и соодветна механизација од претпријатијата на Градот Скопје. До локациите каде што е потребен превоз, истиот е обезбеден од ЈСП, а за сите вклучени во акцијата обезбедена е и соодветна опрема, како ракавици, ќеси (за отпад и пластика), како и маски за одредени локации”, информираше министерот Манчевски.

Министерот Дамјан Манчевски воедно им се заблагодари на сите донатори кои ја поддржаа акцијата: Канцеларијата на ЕУ во Скопје и амбасадорот Жбогар, Др.Пановски, Еурофарм,  Отпад, Швајцарска амбасада, Пакомак, Зегин, Еуро ЕКО пак, ЕКОН- Електрон, Eco packing, ЕЛ-Колект.

На пресот се обрати и Ирена Ристиќ, која потсети дека здружението „Не биди ѓубре“ постои една година и половина и изрази огромно задоволство што во сабота, оваа активност во ист момент ќе ја спроведат 40 илјади луѓе.