Министерот Спасовски пред Антикорупциска побара веднаш да се истражи обвинувањето на ВМРО ДПМНЕ

Орце Ѓеоргиевски од ВМРО ДПМНЕ, застанат пред бензиската станица Пин Петрол, обвини дека министерот Оливер Спасовски е скриен сопственик и дека тој е еден од случаите кој е печен за т.н. ветинг на Оливер Спасовски.

,,Токму оваа бензиска станица која е една од најголемите во кумановскиот регион беше помпезно отворена пред неколку дена од високи владини и партиски функционери на СДСМ.

Чија е оваа бензиска станица? Тоа е логично прашање за кое јавноста бара логичен одговор. Оливер Спасовски беше првиот кој го прослави отворањето на оваа бензиска станица. Дали можеби тој е и скриен сопственик или има било каков удел во неа?

Прашањето е легитимно бидејќи на хартија оваа бензиска се води во сопственост на таткото на советникот за односи со јавност на Оливер Спасовски лицето Никица Петрушевски. Дополнително самиот факт што Оливер Спасовски молчи за овој случај говори дека нешто се крие.

Овде е крајно сомнително, а бидејќи Македонија има работа со криминален октопод на власт, неопходно е час поскоро да се истражат овие индиции, пред криминалниот клан уште повеќе да метастазира како канцер и да ја уништи државата“-изјави Ѓеоргиевски.

Министерот Спасовски веднаш потоа од пред Антикорупциска повика да отворат предмет за него:

,,Одговорно тврдам дека ниту јас ниту член на моето семејство нема удел во било која компанија ниту во државата ниту надвор од државата, ниту денеска ниту во минатото и денеска доставив барање до Антикорупциската комисија да се испита целиот случај и да се утврдат аргументите затоа што не смее да се дозволи да се манипулира со јавноста и да се изнесуваат лаги, рече министерот Оливер Спасовски во денешната изјава откако го поднесе барањето до Државната комисија за спречување на корупција, а по лагите што ги изнесе политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за наводна инволвираност на министерот Спасовски во сопствеништвото на компанијата Пин петрол и наводно постоење судир на интереси, изјави Спасовски.

„Како министер за внатрешни работи, но пред се како граѓанин на оваа држава, секогаш сум се залагал и ќе се залагам за целосно почитување на законите и нивна неселективна примена. Изминатиов период политичката партија ВМРО-ДПМНЕ направи безуспешни обиди да ме дискредитира и во јавноста изнесе целосни лаги и невистини за мој наводен сопственички удел во новата инвестиција на компанијата ПИН Петрол во Куманово. Поднесов барање Антикорупциската комисија да направи проверка на мојата имотна состојба, имотната состојба на моето семејство и да ги превземете сите неопходни активности во насока на проверка на наводите за постоење на судир на интереси. Да се утврдат фактите. Не смее да се дозволи да се манипулира со јавноста. Тоа не може да биде стандард ниту во државата ниту во политиката„, рече Спасовски. .