Министерство за економија им верува на добитниците на субвенции за печки на пелети

 
Министерството за економија, минатата година објави два огласа за субвенции за користење на печки на пелети. Вториот оглас беше објавен на 26 ноември 2018 година, а веќе на 6 декември министерството објави дека се исцрпени дополнителните 7 милиони денари за субвенции.  Токму за овој оглас имаше реакции од одбиени апликанти кои тврдат дека има злоупотреби при делење на субвенциите и дека од едно семејство или домаќинство, сеедно, субвенции добиле двајцата сопружници .

Министерство за економија денеска одговори на прашањата на АКо.мк.

АКО.мк: Дали досега имате направено контрола на домовите кои добиле субвенции за печки на пелети?

Министерство за економија: По завршување на работата на формираната комисија по апликациите од вториот јавен повик за остварување на право на надомест за купени печки на пелети во домаќинствата за 2018 година  направена е контрола во домаќинства кои го оствариле правото на надомест, по случаен избор, за која е изготвен извештај од страна на комисијата.

АКО.мк:    Дали е точно дека членови на исти семејства имаат добиено неколкукратни субвенци, се работи за семејства од Делчево, Скопје и Тетово, можеби и на други места?

МЕ:-Јавниот повик е насочен кон домаќинства, а не кон семејства. Имено, право на учество на овој јавен оглас имаат купувачите кои имаат купено печки на пелети во своите домови во периодот од 01.09. до 12.12. 2018 и кои ќе поднесат Образец за барање за искористување на правото на надоместок, под услов досега да не користеле средства од Буџетот на РМ за купување на печки на пелети во својот дом. Притоа, секој барател доставува формулар со изјава дека под полна морална, материјална и кривична одговорност доставува точни податоци и засебна изјава заверена на нотар дека досега нема искористено средства од Буџетот на РМ за оваа намена. Притоа, согласно условите во повикот, едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок.

 АКО.мк:     Ќе ги истражите ли обвинувањата дека се злоупотребува оваа мерка и дека некои баратели добиле субвенции со фалсификувани докази за набавките на печките и каква  е заштитата од вакви злоупотреби во вашето министерство?

 МЕ:-Согласно јавниот повик, сите апликанти задолжително треба да ги достават веќе споменатите документи (формулар со изјава дека под полна морална, материјална и кривична одговорност доставува точни податоци и засебна изјава заверена на нотар дека досега нема искористено средства од Буџетот на РМ за оваа намена), како и доказ во оригинал дека е извршено купување на печки на пелети, и тоа: фискална сметка или фактура со извод од деловна банка со датум од 01.09. до 12.12.2018 година. Лицата кои поднеле барање, но не доставиле комплетна документација како што е наведено во огласот, нема да остварат право на надомест.

Во оваа прилика би сакале да ве информираме и дека листите на фирми од кои се купени печките на пелети на апликантите кои го оствариле правото на надомест со дописи се испратени до ДПИ и до УЈП, за нивно понатамошно постапување.

АКО.мк:  Како го објаснувате тоа што членови на исти семејства се на списокот за субвенции?

 МЕ:-Согласно извештајот на комисијата, иако станува збор за лица со исто презиме, при увид на лице место од страна на комисијата, а со оглед на фактот што во едно семејно живеалиште (семејна куќа) може да има и по неколку засебни домаќинства, е утврдено дека се работи за различни засебни домаќинства за што говорат и фотографиите од печките на пелети кои се поставени во овие домаќинства.

Ова се одговорите на Министерство за економија.

А еве што пишуваше во писмото доставено до нашиот портал. Изворот инсистира на анонимност:

,,Скандалозно и срамно е што добитници од Делчево се 3-4 фамилии  и истите тие  имаат поставено печки на пелети пред 3 и повеќе години.Фалсификатор на документите и оној кој одлучувал кој да биде добитник на 500 евра, е сопственик на фирма специјализирана за инсталации за греење и клима уреди. Истиот тој , со фалсификувани документи овозможил 4 членови од неговата фамилија да добијат субвенции од по 500 евра. Останатите фамилии кои добиле субвенции се лица кои се вработени во царинската испостава Делчево. Не случајно се тие лица, бидејќи преку граничниот премин Делчево, истото лице постојано пренесува печки на пелети, радијатори и други приклучни елементи, без да плати давачки на државата, па за возврат за ,,услугата” од цариниците, им фалсификува документи и посредува во Министерството за економија да добијат субвенции. Добитници на субвенции се уште две семејства во Делчево, чии членови живеат во иста куќа, користат по една печка, а добиле по две субвенции по семејство“-тврди нашиот извор, кој испрати список на добитниците, со име и презиме на сите горе спомнати и нивните семејни врски.