Министерство за здравство се предомисли, промената на полот нема да биде на државна сметка

По најавата на министерот Венко Филипче дека операцијата за промена на полот ќе биде на сметка на Фондот за здравство и бурата реакции во јавноста, доцна вечерва Министерство за здравство излезе со ново соопштение.

,, Ја информираме јавноста дека оперативен зафат за промена на полот нема да постои на сметка на Фондот за здравствено осигурување и таков зафат нема да се изведува во јавна здравствена установа“ се вели во соопштението.

„Спроведувањето на оперативни зафати од страна на експертот Мирослав Ѓорѓевиќ значи опфаќање на голем број на уролошки операции за заштита на здравјето на децата, кои досега беа принудувани да патуваат во странство за нивно спроведување.

Со овој ангажман на врвен експерт ќе успееме да заштедиме средства што досега беа одвојувани од Фондот за операциите во странство.

Политика на Министерството за здравство е што повеќе услуги да бидат достапни за граѓаните во Северна Македонија и да се намали потребата од патување во странство и секако да се спроведат повисоки стандарди во медицинските установи во државата, преку ангажирање на експерти кои ќе го пренесат своето знаење на македонските доктори“, се вели во известувањето од Министерството за здравство.