Не стивнуваат реакциите по објавувањето на Годишната програма на Министерство за култура за финансирање на автори и програми во разни области. Најбројни се реакциите на приватните издавачи, кои сметаат дека Министерството не знае или не сака да ги препознае домашните автори, пред се младите и талентирани.
Игор Анѓелков од издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ вели дека оваа куќа со години  се профилираше како издавач кој знае да го препознае квалитетот кај новите имиња во домашната литература, чии книги во меѓувреме освоија и неколку книжевни награди и кои беа преведени на неколку странски јазици. Поголема препорака од оваа навистина нема, вели тој ,  и зачудува игнорантскиот однос кон новите ракописи на овие автори. Ако зборуваме за стратегија, па токму ова е препознатливо работење на една издавачка куќа која носи резултати, создавајќи книжевно јадро кое во иднина ќе биде носител на книжевните вредности во Македонија., додава Анѓелков и потенцира дека  тоа со години не наидува на препознавање, а годинава го достигна својот зенит со 0 (нула) поддржани автори од Министерство за култура.
,, Но за среќа, читателите се оние кои го имаат последниот збор, па така во минатата година имавме далеку поголема читаност на авторите како Петар Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Живко Грозданоски, Фросина Пармаковска, Ирена Јорданова, Силвија Митевска, за разлика од  литературата што се преведува. Мора да и’ се честита на комисијата во Министерството дека има стратегија, но стратегија за игнорирање и неподдржување на цела една нова генерација на квалитетни прозаисти, чии книги сепак ќе ја видат светлината на денот, книги кои ќе се читаат, коментираат, преведуваат!!! “-реагира игор Анѓелков од ИЛИ-ИЛИ.
 Ќе ја преиспитаме законитоста на донесената Годишна програма на Министерството за култура и ќе има одговорност за прекршувањата на законите. Годишната програма за култура е потпишана од министерка за култура во заминување, која истовремено извршува и функција пратеник во Собранието на Република Македонија, изјави Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

– Програмата не само што носи формален потпис на министерката Канчевска Милеска чија работа е под истрага на Специјалното јавно обвинителство, туку претставува и нејзина лична одмазда кон сите уметници, автори, интелектуалци, институции и организации кои ја критикуваат работата на Министерството за култура или учествуваа во граѓанските протести-сметаат од СДСМ.

АКО.мк