,,Агенцијата за филм е независна институција од Министерството за култура и заедно ги осудуваме решенијата на претходните гарнитури кои финансирале проекти без никаква уметничка вредност кои ги навредуваат чувствата на граѓаните“.
Ова е официјалната реакција на Министерство за култура за филмот ,,Ругање со Христос“, на режисерот Јани Бојаџи, кој веќе имаше своја светска премиера на 30 август на филмскиот фестивал во Монтреал.
 
Од министерството најавија дека се подготвува ново законско решение кое ќе ги спречи  злоупотребите при финансирање на филмови со државни средства и ќе се бара отчет и контрола врз финансиското, и што е најважно врз темите, идеите и пораките што ги праќаат овие творби/филмови.
Министерството и Агенцијата за филм потенцираат дека ова е последен пат со парите на граѓаните да се снимаат филмови кои ги навредуваат истите тие граѓани.
,,Такви тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните-финансиери на истите дела, веќе нема да најдат подршка.
Филмскиот фонд при агенцијата за филм е еден од најголемите во регионот и овој факт ја покажува почитта на државата кон филмската уметност и филмските уметници.
За жал, последните години сме сведоци на разни финансиски и идеолошки малверзации, а парите за филмот за кој е јасно дека предизвикува контроверзии е финансиран во 2015 година. Агенцијата за филм веќе започна голем број постапки за проекти финансирани во минатото, отчет за парите трошени од буџетот на РМ мора да постои“ се наведува во соопштението.
Ова е трејлерот од филмот ,,Ругање со Христос“, кој иако не е виден целосно од претставниците на Министерство за култура и на Агенција за филм, веќе ги налути и ги предизвика да го осудат:

 

Македонскиот игран филм „Ругање со Христос”, финансиран од Агенцијата за филм на Македонија и работен во соработка со продукции од Грција, Албанија и Словенија, светската премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Монтреал кој се одржува од 23 август до 3 септември.

Филмот е селектиран во официјалната „World Selection“ .

„Тоа за нас е успех и обврска за понатаму. Веќе имаме договорено филмот да се прикаже уште на четири фестивали во Европа. Во октомври-ноември годинава фестивалот ќе биде прикажан на фестивали во Германија, Шпанија, Франција, Велика Британија, Грција, Јапонија и Јужна Кореја“, изјави режисерот Јани Бојаџи и додаде дека планираат и македонска премиера за почетокот на октомври.

Прашан, пак , што бара оваа тема меѓу приказните од 2001 година, режисерот со објаснување дека тоа е година која е клучна за нас во Македонија. Дека тоа е пресвртна година и токму поради тоа се решил да се бави со неа во филмот. Истакнува дека во него има една цела драматуршка линија во која Лазар Филиповски на пат од Скопје кон Тетово ќе биде грабнат од терористите на УЧК. Згора има две сцени во филмот во кои се говори за блиската историја – едната е битката на Радуша заедно со мавровските работници, а како што истакнува, филмот практично започнува со убиството на Ванчо Каранфилов во Тетово, млад човек кој беше застрелан додека играше кошарка.

„Тоа се три вистински настани кои ние ги обработуваме за да покажеме дека некогаш инструментите и средствата се толкуваат како средства за слобода, а некогаш се толкуваат како средства за терор. Идејата на филмот е да кажеме дека ниту еден терор не направил ништо добро, туку дека секој терор раѓа и создава нов терор. Затоа и поднасловот на филмот е: Секој против секого – Господ против сите! Се обидуваме да кажеме дека кога ќе тргнеме против секого којзнае каде ќе завршиме“, појаснува Јани Бојаџи изјави Бојаџи во интервју за МКД.мк.

Актери во филмот се Мето Јовановски, Марина Поп Панкова, Андреј Серафимовски, Владо Јовановски…

Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 со 18.000.000 денари (над 290.000 евра), под работен наслов „Здивот на Ангелот“ во продукција на неговата куќа „Орион продакшн“.

Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм.

АКО.мк