Министрите од регионот денеска во Белград, Србија на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово. Тие  ја поздравија одлуката на Косово за делумно укинување на зголемените царини, но, побараа од Приштина итно и целосно да ги укине воведените зголемени царини за извоз на земјоделски производи. Иницијатор и домаќин беше српскиот министер за трговија Расим Љајиќ. На средбата учествуваше и македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски. Министерот Николовски ја поздрави денешната средба, и формирањето на оперативното тело кое ќе работи на отстранување на сите трговски бариери. Николовски на прес конференцијата во Белград рече дека;

„Внимателно, претпазливо заедно со властите на Косово овие неколку дена постојано сме во комуникација. Сметам дека енергијата која ја дадовме до сега вроди со плод. Вчера на Владина седница, Приштина донесе одлука за повлекување на царината од поголем дел од производите. Но, со оглед на тоа дека на сила се мерки за зголемена царина за дел од производи за кои Македонија има извоз во моментов, бараме укинувањето на одлуката да се случи веднаш. Сметаме дека е потребно  итно отповикување на оваа одлука која е спротивна на ЦЕФТА договорот, но и на СТО. Ние очекуваме Укинување на оваа одлуката. “

Николовски, вели  и дека лани извозот од Македонија во Косово на земјоделски производи само во првите шест месеци  бил над 6 милиони евра. Тој вели дека Владата и министерството ги разгледуваат мерките за ублажување на штетите кои би ги претрпеле земјоделците доколу мерката не се повлече.  

„Дополнително, работиме на сите анализи и и разгледуваме опции за  дополнителните мерки кои Владата ги носи постојано, а се во интерес на земјоделците. Всушност, согласно денешните заклучоци секоја земја си го задржува правото да носи, да презема свои мерки и политики во функција на заштита на домашната економија и на домашното производство.“

Министерот Љајиќ, кој беше домаќин на неговиоте колеги од регионот,  заедно со министрите, ги повика и останатите членки на ЦЕФТА договорот, да работат на укинување и отстранување на сите трговски бариери кои се спротивни на принципите на слободната трговија. Учесниците на денешниот состанок истакнаа дека се залагаат за реформа на ЦЕФТА, со цел олеснување на трговијата  на Западен Балкан. Министрите се согласија да се формира оперативно тело кое ќе работи на ефикасно решавање и укинување на сите трговски бариери кои би се појавувале во регионот, се до стапување на сила на Додатниот протокол 7 од ЦЕФТА договорот, кои предвидува механизми за решавање на спорови. Сите членови на оперативното тело ќе бидат во постојана комуникација и ќе разменуваат информации, а ќе предлагаат и мерки за олеснување на трговијата.