Минчо Јорданов од јануари не им исплаќа плата и здравствено осигурување на вработените во ,,Нова Македонија“

Зошто институциите го толерираат незаконското работење на Минчо Јорданов?-прашуваат вработените во ,,Нова Македонија“ кои преку отворено писмо до нашиот портал информираат дека од почетокот на годината немаат земено плата, а не им се уплатуваат ниту придонесите за здравствено осигурување.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме нивниот допис:

,,Вработените во „Нова Македонија“ се доведени до степен на очај и на работ на егзистенцијата, бидејќи, иако е мај, се уште не ни е исплатена јануарската плата. Ваквата состојба на задоцнета исплата на плати континуирано трае веќе неколку години, но наместо состојбата да се подобрува, како што ветуваше менаџментот, таа само се влошува и долгот на фирмата кон вработените се зголемува.

Исто толку време ние немаме здравствено осигурување, бидејќи сопственикот на весникот г-дин Минчо Јорданов не ги уплаќа навреме здравствените придонеси и поради тоа мора да се лекуваме на сопствен трошок, што е речиси невозможно, бидејќи во мај ја чекаме јануарската плата и немаме пари да ги платиме високите сметки за приватно лекување. Иако во неговата корпорација спаѓа и болницата „Ремедика“, г-дин Минчо Јорданов ниту еднаш досега не понудил бесплатно лекување во неговата болница за вработените, што само покажува колкава е неговата грижа за здравјето на работниците.

Директорот на „Нова Македонија“, Ратко Лазаревски и главниот уредник Александар Димковски со години не лажат дека состојбата ќе се подобри. Последна лага беше дека сопственикот Минчо Јорданов обезбедил средства да ни врати дел од парите што ги должи и дека до јуни, годинава неговиот долг кон нас ќе се сведе до минус две плати, но наместо забрзана исплата на заостанатите плати, долгот во изминативе месеци се зголеми.

Уште повеќе не револтира што главниот уредник Александар Димковски одбива да разговара за платите, а истовремено бара секојдневно извршување на работните обврски, додека директорот Ратко Лазаревски воопшто не се појавува на работа за да образложи или да ни даде било каква информација за платите.

Затоа јавно прашуваме:

1.Зошто Управата за јавни приходи, Трудовата инспекција и другите надлежни институции го толерираат ваквото незаконско работење на г-дин Минчо Јорданов?

2. Како е можно г-дин Минчо Јорданов во чија сопственост се компании како „Бетон“, „Факом“, кои заработија милиони евра од државните проекти како „Скопје 2014“ и кои редовно се рекламираат на насловната страна на весникот да нема пари за исплата на плати на вработените во „Нова Македонија“?  

3. Дали пропаѓањето на „Утрински весник“ и „Вест“ и незавидната состојба во која е втурната „Нова Македонија“ имаат политичка заднина и обид со притисок односно неисплата на плати да се замолкнат и новинарите на првиот дневен весник во Македонија „Нова Македонија“? 

Искрено се надеваме дека ќе ни помогнете за нашата мака да чуе целата македонска јавност и надлежните институции бидејќи состојбата во „Нова Македонија“ станува неподнослива.

Со почит,

Вработени во „Нова Македонија“..“