Мирисот на човековата душа

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

 

Родена сум во Прилеп, а првите спомени во животот ги носам од прилепската чаршија каде татко ми имаше дуќан под Саатот, од долниот кат на куќата на Аџиздравевци каде живеев и од учителката Хрисула Пилјакоска која ме учеше во прво одделение во училиштето „Кочо Рацин“.

Летото 1969 год. се преселивме во Скопје па второ одделение учев во „Пецталоци“. Моите први денови во училиштето беа вистинска тортура оти јас зборував прилепски и не знаев дека некои зборови се толку различни од „скопските“ што често бев исмејувана од соучениците. Тогаш не знаев дека „с‘кас“ било „мастика“, дека „топуската“ била „шпенадла“, дека „џимиринките“ биле „чварки“ итн. итн. Еден ден од соученичка побарав „наливче“ ама тоа да било „пенкало“. Мојата соученичка направи театар од моето говорење, по што цел ден бев предмет на исмејување од сите деца во училиштето. Одвај го дочекав крајот на последниот час и со трчање, плачејќи ги сите солзи кои ги имаше во моето мало тело, стасав до дома. И како по обичај, прво влегов во дуќанот на татко ми кој беше една од собите во нашиот дом.

И како по обичај, мојот темел и мојата животна потпора имаше приказна со која можеше да ме утеши. Приказната која веројатно многумина од вас ја знаат во некаква варијанта, а вреди да се повтори, одеше вака.

Со бил некој дрвар кој постојано другарувал со една мечка во шумата. Еден ден, мечката се доближила до ловецот, а тој и беше рекол „Леле мецано, колку ти смрди здивот“. Пријателството продолжило, а кон крајот на есента дрварот сечејќи дрво не забележал дека во близина била мечката, па со секирата ја удрил по главата доволно за да прокрвари. Дрварот се погрижил за раната колку што можел, ама дошла зима и мечката си отишла во пештерата. Со доаѓањето на пролетта, дрварот бил среќен кога ја видел мечата жива и здрава, а неговото прво прашање било „Мецо, како е раната на главата“. Мечката одговорила „Раната на главата не боли колку што ме боли раната на душата кога ми рече дека здивот ми смрди“.

Наравоучението од татко ми Ѓоре ми раскажа дека многупати во животот потешко ќе ме повредат нечии зборови, отколку нечии дела. И дека на некои луѓе не им мириса кожата, туку им смрди душата.

За крај на муабетот, прв пат ми даде празна чаша. Внатре тури една капка масло, а потоа ја наполни чашата со вода. Седев и чекав и чекав и чекав… И на крај, капката масло се избори и дојде до врвот на водата. „Ете, Калино, ти си сега на дното од чашата, ама со работа и борба ќе дојдеш до врвот“ – рече насмеан Ѓоре. Оттогаш чашата беше задолжителен декор на секој „тежок“ муабет.

Поминаа многу години и дојде 17. 09. 2012 година. Тоа е денот кога последен пат го изгушкав татко ми, чувствувајќи дека колку и да ја повикувам неговата душа таа е веќе некаде на друго место. Мајка ми често велеше: „Како срце боли, така очи плачат“. На тој ден мене ме болеше срцето, и соодветно на болката плачев, липав, рикав, го викав. Попусто. Едниот мој темел, дел од мојата животна потпора ми се лизгаше како вода низ грст стегнат ништо да не пропушти. Залудно.

Шесте години без него поминуваа во трчање по секојдневни ангажмани, најчесто во борба со ветерниците, бидејќи криминалот и криминалците во моето опкружување беа и се уште се, премногу организирани за да ги разбие единка. Никако не сакав да прифатам дека во државата, која е моја татковина, човековите доблести се маана, а се она што беше порок во нормална држава стана „квалитет“. И во таа борба, многупати се сеќавав на татковите приказни и знаев дека „кога ќе дојде време капката ќе се крене над водата“, а тогаш ќе имам две опции. Првата е да се откажам од борбата со погубноста, а втората да сретнам луѓе со исти размислувања како мене и заедно со нив да ја продолжам борбата за враќање на ЧОВЕКОТ со доблести.

Така, дојде времето да си признаам дека ја изгубив битката со криминалците во државата како борец-единка, но затоа ја продолжувам како борец со соборци.

После објавувањето на мојата идеја за политичко активирање се изнаслушав и се изначитав семожни „размислувања“ за мојата одлука. Истото се случи и утринава,  па се сетив на датумот и на приказната и на поуката од татко ми Ѓоре, дека многупати во животот потешко ме повредуваат нечии зборови, отколку нечии дела, а дефинитивно на некои луѓе не им мириса кожата, туку им смрди душата.

 

П.С. Прости ми татко, не те послушав да седам подалеку од политика. Ама ќе се обидам да докажам дека ЧОВЕК може да работи за ЧОВЕКОТ во државава.

 

(авторката е член на Централниот комитет на партијата Демократи)