Мистериозна смрт во неготинското село Пепелиште

Смрт под чудни околности , ова е констатирано  вчера во село Пепелиште кај Неготино, откако во својот дом е пронајден мртов жител на селото со иницијали О.А. Неговото тело е пронајдено во фаза на распаѓање и  се претпоставува дека телото таму било подолго време. На местото на настанот  излегле итната медицинска помош од Неготино, полицијата и јавното обвинителство.
Информацијата ја  потврдуваат и од Јавната здравствена установа Здравствен дом од Неготино.
-Добивме повик во болницата дека во својата куќа било пронајдено лице кое претходно неговите најблиски не го виделе неколку дена. Веднаш отидовме на местото и само констатиравме смрт кај лицето. Според првичните сознанија, најверојатно минал подолг период од смртта, а трупот кој беше во фаза на распаѓање, сепак останал сочуван во таква состојаба заради  студеното време. Откако со увид  не можеа да се констатираат причините поради кои дошло до смрт, имаше потреба од дополнително стручно појаснување,па обдукцијата ќе ги покаже и вистинските причини, велат од Здравствен дом Неготино.
Починатиот живеел сам по смртта на неговите родители иако неговите најблиски, браќа и сестри му понудиле да живее со нив. Тој добивал семејна пензија од мајката, а повремено и одел на аргатување. Откако три дена  не дошол кај блиските роднини и соседи, тие се загрижиле и отишле кај него за да проверат зошто го нема. Тогаш и виделе дека лежи неподвижен на креветот и веднаш повикале брза помош. Покрај брза помош, пристигнале и од полицијата и обвинителството. Обдукцијата ќе ја покаже вистинската причина за смртта. Ваквата информација денес ја потврдија и од МВР.
Велат дека вчера попладне било пронајдено починато средовечно лице во својот дом во неготинското село Пепелиште, чија смрт била под неразјаснети околности. Оттаму соопштуваат дека во неготинската полиција, за пронајденото лице со иницијали О.А. родено 1969 година, пријавил лекар од итната медицинска помош во Неготино.
-„Лекарот од итната медицинска помош извршил преглед над лицето и констатирал смрт. Полицијата извршила увид на лице место, а подоцна случајот го презело јавното обвинителство, кое издало наредба за обдукција, информираат од МВР.
Никој не сака да шпекулира, меѓутоа има одредени сомнежи дека несреќниот човек починал заради замрзнување . Вистинските причини за смртта ќе се знаат дополнително откако ќе се добие извештајот од судска медицина, а дотогаш куќата на лицето починато под неразјаснети околности, останува запечатена.
Билјана Н.Тошевски