Митко Јанчев не исклучува можност за формирање нова партија во која и тој би учествувал

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој важи за еден од поуспешните градоначалници во земјава, не само од редовите на ВМРО ДПМНЕ, туку воопшто.

Во интервју за порталот Фактор, зборува за влошените односи со раководството на партијата, реториката на ВМРО ДПМНЕ, што сето заедно може да биде основа за формирање нова партија во која и тој би учествувал.

Иако на позицијата градоначалник на Кавадарци дојде номиниран од ВМРО-ДПМНЕ, му се спротивстави на лидерот Христијан Мицкоски за референдумот, тврдеше дека партијата треба да излезе и да гласа против. Затоа беше разрешен од функцијата потпретседател, а доби и смртни закани.

Во ексклузивно интервју за Фактор, градоначалникот Митко Јанчев вели дека не сака да го збуни членството, но смета дека ако партијата не се вразуми и не ја смеми политиката и реториката, се остава простор да се формира нова партија, во која и тој би учествувал. За раководството на ВМРО-ДПМНЕ смета дека им биле потребни жртви по успешното гласање во Собранието на уставните измени, па затоа и се обиделе да го стават во кошот со осумтемина пратеници кои ги етикетираа, но тоа не им успеало. За Преспанскиот договор вели дека бил храбар потег, за кој му честита на премиерот Зоран Заев.

Фактор: Бевте високо во ВМРО-ДПМНЕ, потпретседател на партијата, но потоа ве разрешија. Во какви односи сте сега со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дали ги изгладивте недоразбирањата?

Јанчев: Најреалната слика, и пред разрешувањето како потпретседател, и по разрешувањето, а и сега, е дека од никогаш не сум имал ни многу топли односи со раководството, бидејќи, веројатно ме гледаа и со подруги очи, бидејќи имам поразлични размислувања. За моето поразлично мислење од партиското, никогаш не сум наидувал на разбирање, туку, напротив, можеби и се сомневале во мене дека лошо и мислам на партијата. Времето ќе покаже дека не сум ѝ мислел лошо на партијата, и во делот на разрешувањето, мислам дека повеќе беше политичко разрешување, за да се оцрни мојата личност – да го разрешиме, заедно со другите што ќе ги исклучиме(осумината пратеници на ВМРО ДПМНЕ што гласаа за уставни реформи), како предавник на државата, како поткупувач за пратеници, што воопшто нема врска. Дента пред да ме разрешат, лично ми се јави претседателот Мицкоски, и ме праша – сакате вие да си дадете оставка или да биде предлог на мое разрешување, и јас го замолив тоа да биде на предлог на негово разрешување. И тука сум единствено лут што не требаше да ме стават во исти кош со оние што ги исклучуваа, ги навредуваа за поткуп и така натаму, но дефинитивно тоа му било целта, за во истиот тој момент, да ме поврзат со тие осум пратеници и со други луѓе како предавници на партијата. Мое лично размислување е дека целта беше рушење на авторитет и углед на човек за кој веројатно тие мислат дека му ги загрозува позициите или понатамошното функционирање во самата партија. Отогаш навака немавме посебни несогласувања или било што, не сум бил во централниот штаб, не сум присуствувал на никаква средба. На општинско ниво си функционирам супер, сум дел од Општинскиот комитет, имаме супер соработка, немаме никакви проблеми, се’ додека немаат некои потврди инструкции од централното раководство. Сега засега е ок. Повремено постои некоја ладна интерна комуникација.

Сте се виделе ли со Мицкоски во скоро време, и каков беше тој разговор?

Јанчев: На почетокот на Тиквешкиот гроздобер, (пред околу еден месец -н.з.), јас имав активности како градоначалник, а Мицкоски бил гостин во Кавадарци на неколку локации. Кога завршив со активностите, добив информација дека е заедно со другите гости од Скопје и со дел од Општинскиот комитет од Кавадарци на кафе во една кафетерија. На моја самоиницијатива, што тие не го очекуваа, отидов на нивната маса, се поздравив, ми дозволија да седнам, ме поканија, помуабетивме… Чувството од моја стрна беше дека имаше нормален пулс, а какво било од нивна страна, треба да ги прашате.

Извор: faktor.mk