Михајло Маневски бара да се уништат прислушуваните фајлови кои содржат приватни разговори

Нема никаква  правна основа СЈО да држи материјали кое се дел од прислушуваните разговори ,а се од чисто приватен карактер-се вели во реакцијата на поранешниот министер за правда Михајло Маневски на објавен напис на Макфакс.

Според Маневски, во третиот Извештај на СЈО од 15 март 2017 година се потврдува дека биле преслушани  272.950 аудио фајлови или 45% од вкупниот број.

Од преслушаните разговори  СЈО утврдило дека:

–  90.618 аудио фајлови се приватни разговори, со времетраење од 2.030 часа;

–  во 181.372 случаи не утврдиле индиции за сторено кривично дело; и

– биле издвоени 960 транскрипти, каде што врз основа на преслушаните разговори имало индикации  дека е сторено кривично дело.

Може ли воопште СЈО да се најде еден разуман разлог да држи 90.618 аудио фајлови за чисто приватни разговори? Зошто СЈО држи 181.372 фајлови за разговори од кои не утврдиле никакви индиции за сторено кривично дело?-се прашува Маневски. Нема ниту законски, ниту етички, ниту морални причини СЈО да држи чисто приватни разговори и огромен број 181.372 фајлови за разговори од кои не утврдиле никакви индиции за сторено кривично дело. Зошто СЈО ги чува овие материјали? Каква му е целта? На кого му се потребни тие материјали?. Дали тие материјали се чуваат да послужат за уцени и подметнувања какви што имаше случаи во практиката-продолжува Маневски.                        

 Понатаму во реакцијата до Макфакс Михајло Маневски прашува:

,,Како се пронајдоа 70 илјади разговори кај обвинетиот Захир Бекири “Чаушот”, партискиот другар на Зоран Заев? Уште кај колку “чауши“ се наоѓаат нелегално снимени разговори, подготвени да ги употребат, како што беше сторено за уцени и закани, за продажба по пазари од профитери и пробисвети, со кои се нарушува елементарното чевеково достоинство.

,,Ништо не е поштедено од големите криминалци, па ниту најинтимните чувства на луѓето“-вели Маневски.

,,Сите материјали од прислушуваните разговори кои не се во функција на постапката, мора веднаш да се уништат.

Разговорите се разговори, зборовите се зборови, но тие не се факти. Никој нема право да врши глобална тортура и уцена на граѓаните на Македонија. Никој нема право да ги повредува основните човекови права на слободна комуникација, приватност и интима.

Никој  нема право граѓаните да ги држи во заложништво  

Никој  нема право со искористување и злоупотреба на положбата, па ниту СЈО, да ги држи граѓаните во заложништво со нелегално снимени приватни разговори и разговори во кои нема ниту индиции, а камоли докази за сторено кривично дело. Мотивот да се чуваат вакви материјали спротивно на законите може да има само политичка, а не правна цел“-пишува Маневски.

Маневски бара обвинителката Катица Јанева  да ги почитува законите и во постапка пропишана со закон да ги уништи материјалите од приватните разговори и материјалите од кои не се утврдиле никакви индиции за сторено кривично дело. Должна за тоа да ја извести јавноста или да наведе барем една причина зошто сака да ги чува тие материјали и за какви цели. Многу е симптиматично што молчи за така крупно прашање за кое посебно е заинтересирана и загрижена јавноста-вели Михајло Маневски во реакција на напис на порталот Макфакс..