Мицкоски: Македонија е на дното во Европа по растот на БДП

,,Државниот завод за статистика повторно ја потврди лошата економска политика на СДСМ. Имено според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1%. Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од цели 37% забележува градежниот сектор, што всушност и ја отсликува НЕработата на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето на сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната Влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост“-изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски..

,,Дополнително, почитувани граѓани, пад од 7% забележува просперитетниот сектор Информации и комуникации. Да потсетиме, во својата кампања СДСМ големо внимание посвети на овој сектор ветувајќи намалување на Данокот на добивка за ИТ компаниите за цели 50% т.е. од 10% на 5%. Но, како што можеме да видиме нема ништо од тоа.

Од расходна страна, падот повторно е алармантен кај Бруто-инвестициите. Имено во првиот квартал од 2018 година, Бруто-инвестициите забележуваат пад од 9%, со што продолжува политиката на деинвестирање, својствена за СДСМ.

Дополнително исполнувањето на капиталните инвестиции од само 7,4% во првиот квартал од 2018 година придонесе јавната потрошувачка негативно да влијае врз БДП, односно да забележи пад од 1,4%. Овие податоци повторно го отсликуваат неработењето на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев“-рече Мицкоски.