Мицкоски: Се случува крах во економијата(видео)

Лидерот на опозициската Вмро Дпмне, Христијан Мицкоски, имаше свое видео обраќање во кое ја критикува актуелната Влада и нејзините политики, а посебно економските:

,,Во периодот кога не престануваат криминалите на владата на СДСМ, не сопираат скандалите со криминалните иновации и скандалите во Министерството за здравство, продолжува распродавањето на државните интереси.

Трговијата со идентитетот е само еден дел од хаотичното управување на Владата. Зад оваа завеса, зад бројните шпекулации, наметнати теми за дефокус се случува крах во економијата.

Поразителната 2017 година во која македонската економија забележа нула раст, односно најнизок раст во Европа, по се изгледа ќе се повтори и во 2018 година. Така растот во првиот квартал од 2018 година изнесуваше 0,1%, а економските параметри за вториот квартал укажуваат дека повторно растот ќе биде најнизок во Европа. Со тоа 2018 година ќе биде втора изгубена година за македонските граѓани, односно повторно година на економска стагнација.

Градежниот сектор, кој во изминатиот период беше поттикнувач на економскиот развој во Република Македонија забележува поразителни резултати. Извршувањето на капиталните расходи во буџетот за вториот квартал е за 38% понизок во однос на истиот период од минатата година, додека повлекувања на средства по основ на кредитни линии од јавните претпријатија за инвестиции скоро воопшто и да нема. Дополнително, ниското исполнување на капиталните инвестиции во буџетот укажува дека јавната потрошувачка која ја контролира Владата на СДСМ сериозно ќе наштети на македонската економија. Сето ова се потврдува и со податоците за извршени градежни работи кои упатуваат на минимален пораст од 3% на извршените градежни работи.

Владата не задолжува нас и идните генерации. Според официјалните податоци на Министерството за финансии вкупниот јавен долг изнесува 47.7% што во однос на претходниот квартал претставува пораст од 0.5 процентни поени. Но уште повеќе загрижува начинот на кој Министерството за финансии манипулира и погрешно го пресметува долгот за да ја прикаже розевата состојбата во македонската економија. Имено, според Народната Банка на Република Македонија,  јавниот долг изнесува 48.2% или 0.5 процентни поени повеќе од податокот на Министерството за финансии.  Дополнително почитувани сограѓани, само во месец август до сега СДСМ ги задолжи граѓаните за повеќе од 43 милиони евра, а од почетокот на годината долгот е зголемен за неколку стотици милиони евра. Но најважно е прашањето зошто се задолжува Владата на СДСМ? Нема нови автопатишта, нема гасификација, нема нови булевари ниту болници, училишта, градинки… Очигледно задолжувањата се прават за да се финансираат бизнисите на функционерите блиски до СДСМ.

Најголемото ветување на владата за исплата на 500 евра просечна плата е и најголема лага на СДСМ во економијата. Имено, податоците за исплатената просечна нето плата за јуни 2018 укажуваат на пад од 2,4% или 306 денари во однос на мај 2018 година. Притоа, пад забележуваат речиси сите гранки, а најголем е падот во услужниот сектор. Дека состојбата се влошува укажува податокот за бројот на блокирани сметки  на граѓаните во Република Македонија. Имено, вкупниот број на блокирани трансакциски сметки на граѓаните во првиот квартал од 2018 година бележи раст од 1.5% на годишно ниво, односно само во март 2018 биле блокирани дури 191 илјада трансакциски сметки. Навистина поразителни резултати.

Младите освен тоа што се заборавени од владата, таа им нанесе уште еден удар. Имено, нискобуџетската компанија Wizzair веќе најави дека дел од линиите ќе ги скрати, а можеби и трајно замина од нашата држава што е директен резултат на неработењето на Владата на Република Македонија. Со оваа политика, бумот кој постоеше во авиосообраќајот најверојатно ќе сопре.

Афера до афера, пораз до пораз. СДСМ не е способен и подготвен да ја води државата во вистинска насока. Време е СДСМ да си замине од власт и граѓаните да одат напред.  Само така Македонија ќе победи!“-рече Мицкоски.