Мицкоски се јавувал да интервенира во МВР, пак ќе се јавува ако треба, за него Александар Верушевски е патриот

Лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција потврди дека се јавувал на функционер во МВР, но како што вели, побарал од министерот Чулев тоа да биде лице поставено од претходниот министер.

Лидерот на опозицијата вели дека сакал од него да побара да ја забрза истрагата за теретаната и не гледа ништо спорно во тоа. Вели, пак ќе се јавува ако оцени дека има потреба.

,,Бидејќи поминаа неколку дена, почнаа да се лиферуваат секакви информации, му напишав порака на именуваното лице која гласаше-,,Здраво. Сакам да се чуеме.Христијан Мицкоски!“, тоа беше таа порака и јас ја чувам“-изјави Мицкоски и додаде дека од именуваниот функционер во МВР побарал да заврши истрагата побрзо и јавноста да ја дознае вистината.

Мицкоски објави и дека лично се познава со синот на Зоран Верушевски, Александар Верушевски, кој пак тајно го снимал лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кај него на ручек во Струмица.

За Мицкоски, контроверзниот Верушевски, помладиот, е патриот.

,,Да се познавам со господинот Александар Верушевски. Тој е грижлив родител и посветен сопруг, а она што можеби е значајно да го знаете е голем патриот“ – одговори Мицкоски на поставеното новинарско прашање.