Мијалков: Мицкоски ти не си фактор и ја срамиш партијата во светот

Поранешниот висок функционер и обвинет во повеќе процеси што ги води СЈИ, Сашо Мијалков упати второ јавно писмо адресирано до лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

,,Ниедно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската народна партија, а се надевам дека нема ни да доживее во иднина.

Се надевам и посакувам во иднина секој прв човек на ВМРО дека ќе биде фактор кој ќе биде прашан околу тоа дали ќе има една или две партиски делегации и кој ќе биде во тие делегации. Ти не си фактор и наместо да ја обединиш и зацврснеш партијата, ти ја слабееш и ја делиш.

За тоа си крив ти, твоето лицемерие, лажниот патриотизам и твојата незаинтересираност за иднината на Македонија.

Во иста вечер јавно да те бламираат и да ти пишуваат пораки на социјалните мрежи и Дорис Пак и Јоханес Хан не говори ништо друго, освен што покажува дека и тие ги прочитале твоите лаги и не ти веруваат. Одлучиле да ти твитнат за да не ти текне да си пренесеш само тоа што ти одговара и да лажеш дека имаш поддршка за штетата што ја предизвикуваш и по Македонија и по ВМРО.

Така е тоа Христијане кога играш дупло. Така е тоа Христијане со искусни политичари кои знаат дека твои советници од доверба шетаат по Скопје и зборуваат да си побаравме ние друг партнер, на исток.

Јасно е зошто партијата не праќа соопштение за средбата со Дорис Пак и Јоханес Хан.

Во иста вечер претседателката на Асоцијацијата на жени во рамки на ЕНП, Дорис Пак да ти каже дека твојот лажен патриотизам е неприфатлив за Европа, а од друга страна еврокомесарот Јоханес Хан да ги нотира твоите заложби да не го опструираш процесот во парламентот е бламажа од светски, а не само од европски рамки.

А, што правиш ти Христијане? Праќаш банални соопштенија, додека луѓево со кои што се среќаваат твоите соработници организираат протести пред домовите на пратениците.

Биди еднаш искрен и признај и пред членството и пред граѓаните, какви се тие твои заложби за конструктивност кои му ги вети на Хан? Дали Хан лаже за твоите заложби? Дали му кажа на Хан дека Македонија ти е пред сѐ и дека ти ќе го спречиш договорот без разлика на цената? Дали му кажа дека и да не успееш сега да го спречиш, доколку дојдеш на власт нема да го реализираш тоа што ќе зависи од тебе?

Нели Христијане клечеше, се крстеше и се колнеше во Македонија? Која е сега таа конструктивност која што сега ти стана повредна од Македонија? Има ли твојата ,,борба за Македонија“ цена и која е таа? Дали ќе организираш протести и дали во Собранието ќе ги искористиш сите средства за да го блокираш договорот од Преспа, а такви средства имаш многу?

Ќе предложиш ли Христијане неколку илјади амандмани или ќе ти бидат виновни други пратеници кои не биле доволно ангажирани? Ќе организираш ли секојдневни протести пред Собрание за да покажеш колкава поддршка имаш од народот или ќе ги обвиниш структурите дека биле пасивни? Ќе сториш ли нешто или ќе се правдаш како имало нова реалност, а ти кутриот не си моќен да преземеш ништо?

Ти кажав и пак ќе ти кажам, тоа што го правиш не е чесно и не доликува на човек што треба да го води ВМРО. Сакаш да дојдеш на власт ама ти да си патриотот, а другите да се предавници. Сакаш да газиш преку туѓи животи. Кукавички и ниско од некој што треба да води организација како ВМРО.

Прочитан си Христијане дека играш двојно со нашето членство и целиот народ. Извини се на членството за двојните игри и лицемерито. Извини се и на граѓаните на Македонија што ги лажеше дека ти ќе си го бранел името до кра“- му пишува Сашо Мијалков на Мицкоски.