Мијалков се смилува да даде исказ за „Трезор“

Специјалното јавно обвинителство бара од Кривичниот суд на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, екс-шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски и на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во МВР, да им бидат одредени мерки на претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите.

Одлуката, според информациите од Судот, дополнително ќе биде донесена.

Мијалков, Јакимовски и Стајковиќ, иако истражната постапка за „Трезор“ за проневера на 862.045 евра беше отворена кон крајот на септември, денес беа во Скопје 1 на распит и дадоа исказ за случајот.

„Доцнењето“ на распитот беше поради тоа што СЈО бараше изземање на судијката надлежна за овој предмет поради сомнежи дека ќе постапува пристрасно зашто братот на нејзиниот сопруг имал деловни врски со фирмата „Финзи“, која е опфатена во случајот „Трезор“.

Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, го одби барање за изземање, а неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд.