Мијалков со борни коли и автомат барал послушност и прислушување

од Симо Груевски%d1%81%d0%b8%d0%bc%d0%be1

 

Во услови на зголемен интерес кај граѓаните за работата на специјалното јавно обвинителство (СЈО), јас како еден од поинформираните за случувањата со прислушувањата на граѓаните на РМ, чувствувам потреба и обврска да ги изложам моите сознанија за овој феномен.

Со 35 годишно работно искуство во областа на телекомуникациите имав прилика од близу да се запознам со организацијата и извршувањето на прислушување преку системот на Телекомот. Преку моите позиции во Телекомот имав можност непосредно да ги запознаам случувањата од оваа област. Генезата на прислушување влече корени уште од почетокот на основање на претпријатието Македонски пошти и телекомуникации (МПТ). Со оглед на технологијата што во минатото се користеше во телекомуникациите, надлежните државни служби функцијата на прислушкување ја обезбедуваа со овластување на посебно стручно лице вработено во Телекомот, а контролирано од надлежните државни служби. Ова лице за потребите на МВР преспојуваше во Телекомот ТФ врски до МВР без посебно одобрение од надлежни раководители од Телекомот. Ова двовластие (безвластие) беше прекинато со назначување за генерален директор на МПТ на Иван Гиновски во 1991 год.

Една случка на која бев очевидец се случи токму во 1991 год. во канцеларијата на генералниот директор Гиновски, а која ги расветлува околностите и важноста на прислушувањето за надлежните државни институции. Имено, тогашниот министер на МВР, покојниот Јордан Мијалков добил информација дека директорот на Телеком Гиновски не му дозволувал на лицето овластено од МВР да врши преспојување на ТФ врските во Телекомот без претходно известување и согласност од надлежните одговорни лица во Телекомот. Поради оваа ,,блокада,, министерот Мијалков испрати неколку борни коли пред портите на Телекомот, со цел да го исплаши ,,осилениот,, Гиновски. Бидејќи со тоа не се постигна целта Мијалков дојде лично да се пресмета со Гиновски. По некоја случајност јас и уште еден директор на ООЗТ (Ацо Шперц) бевме во канцеларијата на Гиновски, додека Мијалков со себе водеше уште едно лице, вероjатно телохранител од МВР.

Односот на Мијалков за мене беше повеќе од силеџиски. Гиновски со својот тврд карактер оправдано укажа дека без негово знаење и согласност никој не смее да ги злоупотребува врските на Телекомот. Во еден момент расправата излезе од нормала па Мијалков изди од своето куферче мал автомат, веројатно од израелско потекло, на што Гиновски повика ,,ајде пукај што чекаш,,. Со наша интервенција некако се смири ситуацијата, па агресивниот министер се спакува и со својот придружник го напуштија Телекомот. По некое време за жал Мијалков загина во сообраќајна несреќа. За мандатот на Гиновски преспојувањето на врските преку врските на Телекомот се одвиваше контролирано.

Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 год. се променија состојбите за можност за прислушување. Стручни лица од колективот кој дотогаш јас го раководев, добија налог да извршат преспојување на водовите во Телекомот преку оптички кабли до МВР. Со овие преспојувања буквално сигналите од сите базни станици од мобилната мрежа и сигналите од фиксната мрежа и порано и сега се уште се носат и до МВР. Со тоа му се овозможи на МВР да снима и прислушува, но со најава и согласност на операторите како даватели на ТК услуги. Се сомневам дека оваа обврска МВР ја почитувал, бидејќи налозите за прислушување неспорно потекнувале од институција со која до неодамна раководеше Сашо Мијалков, а во Телекомот одговорно и влијателно лице сеуште е Жарко Луковски, кумашин на Мијалков.

Опремата што за оваа цел беше набавена и инсталирана во МВР е современа и максимално софистицирана и преку истата може истовремено да се снимаат огромен број на ТФ врски без учество на човечки фактор. Сите изјави на Груевски за снимања со некакви комбиња се небулози и приказни за неговите слепи подржувачи.

За крај останувам со дилема зошто прислушуваните граѓани, а посебно новинарите кои поседуваат доказ од прислушувањето не бараат преку судовите обештетување од ТК операторите чии услуги ги користеле во терминот на прислушување.

 

Симо Груевски, дипл.инж. по телекомуникации

н.з. Симо Груевски е поранешен член на бордот на директори и долгогодишен раководител во Македонски телеком. Пред 10 години доби отказ заради јавно изнесените сомнежи за незаконско работење. Тој прв ја отвори познатата афера ,,Телеком” за која се води судски процес пред судот во Њујорк

Насловот е на редакцијата

(Aktuelno го пренесува мислењето на Симо Груевски, кое е само негов личен став)