Молк во македонскиот државен врв по максималистичките уцени на Бугарија

Никој од македонскиот државен врв, но и од опозицијата, досега не го коментираше Рамковниот документ на Министерскиот совет на Бугарија, усвоен вчера во Софија, во очи самитот на ЕУ на кој ќе се одлучува за отворање на преговорите за членство со Македонија.

Овој рамковен документ, кој денеска е пред бугарските пратеници, е составен од низа максималистички уценувачки барања кон македонската страна кои ќе се применуваат кога ќе започне отворањето на 35 поглавја за преговори пред влезот во Унијата.

Барањата на Бугарија задираат во порите на македонското национално ткиво и без никаква задршка, се крајно уценувачки.

Членката на ЕУ, нашиот источен сосед Бугарија, црпејќи аргументи од Договорот за добрососедство, најави дека нема да ги загрози бугарските интереси во текот на преговорите на Македонија со ЕУ, иако сега ќе даде зелено светло за старт на тие преговори.

Поставувајќи се патерналистички, од Македонија ќе бара да се откаже од македонското малцинство во Бугарија.

Ќе бара да се избришат сите натписи од исторките споменици и текстови од историските учебници каде пишува ,,бугарскиот фашистички окупатор“.

Бугарите ќе бараат во иднина минимално да се користи терминот ,,македонски јазик“ , а главно да се употребува ,,службен јазик на Република Северна Македонија“.

Ова барање заедно со барањето името на државата Република Северна Македонија да се сфати и да се однесува само на политичкиот поим, а не и на територијалниот, се однесува не само за македонската страна , туку се бара и од меѓународната заедница да биде така третирано.

Бугарија се меша директно во македонските внатрешни работи, поставувајќи услов да се рехабилитираат сите оние кои биле жртви на комунистичкиот режим ,,поради бугарска национална самосвест“, но и да се реформираат безбедносните служби од поранешни комунистички елементи.

Целиот документ може да го видите на овој линк ako.mk

АКО.мк (Емилија Лазаревска)