Монструми со сајли обесиле кучиња кај ФС во Ново Лисиче

 

,,Сајлите се поставени на локација каде секојдневно шетаат граѓани, деца и се исклучително опасни. За тоа колкав е ризикот од нив кажува Иван Вучетиќ, секретар на ловно друштво „Елен“ од Струмица. Тој вели дека доколку дете падне со главата во стапицата од сајла,  тоа не би имало никаква шанса да се спаси и преживее. Поточно тврди дека кога ќе се затегне стапицата нема спас.“

 

Обесени кучиња, отрови на секој чекор – колку суровост може да толерира Република Македонија?!-прашуваат од Здружението за заштита на животни Анима Мунди.
Обесени кучиња, животни за кои монструм поставил стапици и за кои понатаму поставува се призор со кој се соочија граѓани од Ново Лисиче, кои со денови ги барале маалските миленици.


Тие својот последен здив го испуштија зад Фудбалски сојуз на Македонија, со сајли околу вратот кои при секое движење и обид да се извлечат затегаат се повеќе; умирале во болка од задушување и прережан грклан, бавно но сигурно, без да имаат било каква шанса да се спасат. Сликите се од Сивче, Црни и Миле, маалски кутриња и верни пријатели на многу локални жители.


Настанот го пријавивме во полиција која наводно врши истрага , велат од Анима Мунди, но додаваат–  фактот што сајлите и понатаму се поставуваат, поточно во моментов зад Фудбалски сојуз на Македонија се поставени дупли сајли, стапици со кои на најсуров можен начин се убиваат животните, говори дека никој не презема ништо.


Што уште треба да се случи полицијата да ја сфати сериозноста на оваа ситуација и преземе истрага и сериозни чекори  ваквите дела – кои може да ги направи само психопат – да се констатираат, а сторителот да биде санкциониран и најстрого казнет?!!

МАСОВНО ТРУЕЊЕ НА ЖИВОТНИ ВО МАКЕДОНИЈА

По трите несреќни случаи на угризи од кучиња, кои без исклучок и со потврда и од Агенција за храна и ветеринарство беа предизвикани од кучиња со сопственик, а ниту од едно бездомно куче, во кои како пресуден по одговорност (согласно закон) е човечки фактор, ова е сликата на улиците на Македонија!
Отрови, кои за 10 минути би убиле и човек, се расфрлани по градови и села, на шеталишта, покрај училишта и градинки. Наменети се за маалски кучиња и мачки, кои откако ги изеле со некоја храна, се тетеравеле, плукале крв, се угушиле во сопствените повраќаници пред очи на растревожени минувачи и неретко деца!


Труењата се случуваат истовремено, синхронизирано и веруваме дека удел имаат и општините-велат од Анима Мунди.

Порачуваме итно да запрат и итно да преземат мерки за истрага и приведување на сторителите, кои вршат повеќе прекршоци и сериозно кривично дело, казниво со казна затвор-додаваат од ова здружение.

Анима Мунди ги повикува институциите – Министерство за внатрешни работи, Агенција за храна и ветеринарство, Единиците на локална самоуоправа итно да постапат, изнајдат хумани и ефикасни начини за надминување на проблемот со бездомни животни; да се укине слободната продажба на отрови кои се опасност за сите; да се најде решение за формирање на Полиција за животни зошто е повеќе од очигледен фактот дека насилството врз животните е декаден срам и обележје на Република Македонија!

АКО.мк