МТВ ги пренесува нападите на Груевски, но не и одговорите од Заев

Во периодот од 28 ноември до 1 декември НВО Инфоцентар во рамки на набљудувањето на известувањето на МТВ Дневник 2 за изборната кампања, заклучи дека иако најавите на прилозите, како и тонот на известување се неутрални и информативни, сепак, селективниот пристап на новинарите продолжи во и овој период и го наруши балансот во фер-информирањето на МРТ1 за предизборните активности на политичките партии.

Оваа селективност била највидлива во прилозите посветени на опозициската СДСМ, се вели во извештајот на НВО Инфоцентарот мониторираниот период. Во известувањето за изборните активности на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за
подобра Македонија, новинарите секојдневно ги пренесуваа директните напади, критики и обвинувања на адреса на СДСМ и нејзиниот лидер, Зоран Заев, за прекројување територии, за креирање пучеви и поделби, за „кршење на кичмата на
Македонија“, а беа пренесени и заканите за „бришење“ на опозицискиот лидер од политичката сцена:

„Точно знаете кој е кој. Кој гради, а кој руши. Кој носи и отвара нови работни места, а кој ги затвора. Кој гради патишта и иднина, а кој прекројува територии и наметнува многу лоши поделби внатре во нашата држава… “ (28.11.2016);

„Народот знае кои сме. Добро нѐ познава. И тој нема да погреши.Затоа што добро го познава времето на СДСМ… Тие го памтат инашето време… Овој народ е мудар и знае да направи разлика. Народот памти и кој планира да ја свиткува кичмата на Македонија, а во последно време го слушнавме и последниот дел од планот и очигледно договорот
за да некој му помогне да дојде на власт… “ (29.11.2016);. Ова се дел од изјавите на Груевски на митинзите.

Во прилозите за изборните активности на СДСМ и неговата коалиција, пак, новинарите не пренесоа ниту една порака или критика упатена директно до ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, Никола Груевски, а не објавија и ниту еден одговор на
опозицијата на нападите од страна на владејачката партија.

На пример, голем број медиуми информираа дека во својот говор пред граѓаните на Делчево, Заев изјавил дека нема да има федерализација, туку, конфискација на „украдениот имот“ од страна на власта :

„Овој план го плаши нашиот политички противник. Се збунил Груевски, вели дека ќе има федерализација, кантонизација. Не, ќе имаконфискација. Ќе го конфискуваме украдениот имот и ќе го вратиме назад кон граѓаните. Им се смее цела Македонија овие денови, почнаа со икони да шетаат по митинзи, икони носат криминалци, луѓе-нелуѓе,кои се огрешиле по сите 10 заповеди. Народот нема да им прости,парите има да ги вратат. А гарантираме дека имаме европски устав,
одличен устав, тој ќе се почитува и нема менување на Уставот. Недозволувајте режимот повеќе да ве лаже.“
(Телеграф, 29.11.2016)

Но во прилогот посветен на митингот на СДСМ во Делчево, МРТ1 воопшто не го пренесе или издвои овој дел од говорот на Заев, туку се фокусираше исклучиво на економската платформа на коалицијата, а од говорот на опозицискиот лидер беше објавен само делот кој се однесува на плановите на СДСМ да ја зголемат просечната плата на 30.000 денари и да им обезбедат пристоен живот на граѓаните.

Ваквиот начин на селекција на информации кои им се пренесуваат на граѓаните од митинзите и другите предизборни активности на политичките субјекти го нарушува балансот во известувањето и оди директно во прилог на владејачката ВМРО-ДПМНЕ-се констатира во извештајот на НВО Инфоцентар од набљудуваните вести на МТВ во периодот од 28 ноемви до први декември..

Набљудувањето ќе продолжи до крајот на изборната кампања.