Речиси за 8 години откако е отворен Музејот за вино во Демир Капија, во него дошле околу 15.000 туристи, од кои поголемиот дел  странци.

Звонимир Будимировиќ, проект менаџер, вели дека посетителите ги интерсира буквално сето она што е поврзано за традиција на винската култура, начинот на сервирање и конзумирање на вино низ епохите.

– Туристите на пример секогаш застануваат пред бокалите за кои се верува дека од нив вино пиеле војниците на Александар Македонски, потоа и садовите,чашите кои датираат од праисторијата до денес. Демир Капија е вистински богатство на археолошко и историско минато, а ние се трудиме постојано да бидеме атрактивни за нашите посетители. Прва поставка во музејот е археолошката збирка која претставува колекција на предметите од праисторијата до денес, а каде можете да се запознаете со обичаите,култирата,традицијата на народот кој живеел овде. Втората поставка е винска галерија богата со предмети од целиот свет ,садови,шишиња,бокали кои зборуваат за винската култура, додека третата просторија е презентационен простор со филмска приказна за нашиот крај со презентација на нашето културно наследство со видео материјал со превод за туристите“, информира Будимировиќ.

Тој раскажува дека туристите многу се интересираат за сѐ што гледаат овде. Ги интересираат природните богатсво со кои располага овој крај, винските приказни за Железната порта како што се нарекува Демир Капија, а покрај постоечките три поставки  работат на отворање на уште две нови  со богати приказни за туристите.

– Странските туристи од различни земји се интересираат да  го посетат музејот во рамки на туристичките тури кои опфаќаат и посета на винарските визби во Демир Капија,вели Будимировиќ.

Дознаваме и дека бројни странски новинарски екипи го посетиле музејот за да направат репортажа за винската култура во овој крај, кој е четврти по ред од ваков вид во Европа.

Будимировиќ ни кажа дека Музејот е влезен и во туристичките понуди на Србија, Франција, Австрија, Холандија, САД, Полска, Јапонија и Унгарија. Со изградбата на новиот автопат за Демир Капија се отвора нова туристичка карта, повеќе туристи, но и инвестиции за нови работни места за жителите .

Билјана Тошевски