Музеј на жртвите на ВМРО

 

 

Изминатата ноќ за мене беше тешка и непроспиена, но за среќа помина без други последици, освен голема материјална штета. Стоејќи така на местото на настанот и чекајќи, погледот ми шеташе по новоизградените згради. Кога, здогледувам  зелена табла со името на улицата, а токму тоа ми треба, па се доближив за  да прочитам во ноќта. Што да видам, Тодор Александров успеал да се искачи и на Водно, заедно со новопечените богаташи и нови македонски неимари.

А знаеме веќе , истиот тој го истопорија на коњ, му  дадоа катна гаража, мост, и тоа близнак, му направија емисија, која како расипана плоча ја емитуваат ката-деноноќно на скоро сите телевизии, здруженија му направија, го излееја и во восок, со еден збор – го направија херој и ни го наметнаа, демек, како светла фигура на македонската историја.

Го сместија во Музеј на македонска борба за државноста и самостојноста, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим.

И не само тој, туку и Ванчо Михајлов, кој во своето последно интервју пред да почине 1990 година во Рим, дадено за бугарски новинар, се фали како издавал наредби за ликвидација на прогресивната македонска интелигенција, па дури и зборува со воодушевеност за неговата животна сопатничка Менча Карничу, која за време на театарска претстава во Виена го убила Тодор Паница. ,,Таа беше вистински маж!“-ќе рече во тоа интервју Ванчо Михајлов. За него, Белград е виновен за македонштината на македонските Бугари, а македонските политичари кои учествувале во создавањето на СР Македонија, ги нарекува ,,сите тие говеда од Македонија“.

Кога би можела, би ги прашала, како им е на Арсениј Јовков, Димо Хаџи Димов, Димитар Влахов, Ѓорче Петров, Тодор Паница, Петар Чулев, Стојан Мишев, Лазар Соколов….да деноноќуваат под ист покрив со нивните атентатори или како им е кога би знаеле дека кај нас, овде во Македонија, подеднакво ги славиме и убијците и нивните жртви. И оние што биле терористи и оние што паднале од нивните ками и револвери.

Затоа, иако нема смисла да им се дава еднакво историско место и на тие што биле за Македонија, македонска држава и македонски народ, со оние што Македонците ги гледале само како македонски Бугари, без оглед во каква држава сакале да ги организираат, Голема Македонија, Македонија со Бугарија, или нешто друго, ме вознемирува не само оваа понова реалност, туку и тенденцијата за нивна рехабилитација. И тоа на очиглед наша и на бројни институции и интелектуалци, МАНУ, па и на Институтот за национална историја, во кој владее завет на молк, освен со исклучок на еден историчар што лично го познавам, и можеби уште некој за кој во моментот не можам да се сетам .

Уште повеќе, што ако го анализираме самиот наслов на музејот, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим, паѓа во очи повторно намерата, периодот по Втората светска војна, кога практично Македонците првпат добиваат своја држава, да се прогласи целосно за комунистички режим. Намерата е скриена , но и јасна дека за идеолозите на поновата македонска историја нема период од 1945-1990 кој заслужува светла страна во музејот. Инаку, би можело барем да гласи Музеј на создавање на македонската држава и на жртвите од комунистичкиот режим. Но, нема и нема да има такво нешто со ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна пак, Музеј на ВМРО имплицира само еден период, вообичаен, историски, без темни петна. Инаку, би можел да се нарече барем- Музеј на жртвите на ВМРО.

Веројатно целата таа зграда не би можела да ги собере сите восочни фигури, жртви на братоубиствената борба за превласт и разни идеологии во времето на Александров, Ванчо Михајлов, Протогеров и другите. Да не го спомнувам Ќосето, кој бил ликвидатор по нарачка, па дури го убил и родениот брат. Немал грижа на совест. Живеел речиси 100 години и умрел со такви крвави раце, дури во 1953 година во Благоевград.

За многумина, историчари, интелектуалци, новинари истражувачи, ова што сега се случува во Македонија, е продолжување на таа братоубиствена војна, која очигледно тлее и воскреснува. ДПМНЕ, партијата која се смета за наследник на ВМРО, секако во денешни услови тоа го прави со современи методи. Преку медиуми, оцрнување, поделби , прогласување предавници и патриоти, омраза, пропаганда, апсење, антички Македонци, Македонци мнозинско население според изборни резултати, малцинство Македонци, подобни, неподобни. Ниту еден обединувачки збор, ниту еден охрабрувачки гест. Јазот меѓу Македонците , всушност, никогаш не бил поголем. А реторичкото самоуништување се продлабочува и рефлектира и кај, условно кажано, другата страна Македонци.

Во земјата на џуџињата според умот, како тие што сакаат да ги омаловажат македонските горостаси Блаже Конески и Кочо Рацин, се чини ќе треба да се размислува за уште еден музеј, Музеј на жртвите на ДПМНЕ.

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА