Мухиќ: Власта се менува со конкретни дела

 

Некои се загрижиле да не сум се успал претходниве години, кога тие го кревале гласот против девијациите на власта. Ниту една власт не паѓа од кревање гласови, туку со конкретни дела, вели во интервју  за DW Ферид Мухиќ, универзитетски професор, чие има се најде на изборна листа на СДСМ. Тоа предизвика бурни реакции на негодување, но и на одобрување, пред се на социјалните мрежи. Големото незадоволсто кај противници на режимот, граѓански активисти, опозициско настроени граѓани, но и членови на СДСМ е заради неговите ставови за правото на абортус, кое тој го смета за убиство, и неговото отсуство изминатите години од интелектуалната критичка јавност

 

Ви пренесуваме дел од интервјуто на Ферид Мухиќ за Дојче Веле на македонски јазик:

Универзитетски професор, истакнат македонски филозоф, почесен професор на повеќе реномирани странски универзитети, публицист, прв претседател на бошњачката Академија на науки и уметности, теоретичар и писател со богат и наградуван книжевен опус… Во независна Македонија не бил член на ниту една партија. Во еден период беше советник на поранешниот претседател на РМ, Бранко Црвенковски, и иницијатор на голем број дебати за важни општествени прашања насловени „Дијалози за Македонија“.

ДВ: Г-дине Мухиќ, вие сте едно од големите изненадувања на кандидатската листа на здружената опозиција. Според партиски извори, вашето име највисоко котирало на анкетите меѓу припадниците на Бошњачката етничка заедница. Која препорака или легитимација ви причинува поголемо задоволство – етничката, интелектуалната или кога ниедна од нив не ја исклучува/одвојува другата?
– Вака поставено, прашањето е редукционистичко, бидејќи се однесува на колективни, а не на индивидуални атрибути. Етничката припадност не стои во никаква корелација со интелектуалецот како статус, така што едната со другата не можат ниту да се надополнуваат ниту да се исклучуваат/одвојуваат. Затоа, поканата на здружената опозиција предводена од СДСМ, да дадам свој придонес во решавањето на оваа криза од која страдаат сите граѓани на Република Македонија, ми причинува задоволство пред се, и над се, како на нејзин граѓанин.
ДВ: Дел од критиките упатени на ваша адреса, велат дека сте ги преспале претходниве години и дека ве немало во јавноста да го кренете гласот против девијациите на власта. Молчевте, или научните и културните кругови во кои се движите, работите и говорите, премалку ги фаќа радарот на дневната политика?
– Мило ми е што слушам дека некои толку се загрижиле да не сум се успал претходниве години, а уште повеќе тоа што сум им недостасувал кога тие го кревале гласот против девијациите на власта. Сепак, би требало да разберат дека ниту една власт не паѓа од кревање гласови. Власта се коригира, или се сменува со конкретни дела. Инаку, признавам – се што сум го работел досега, било и останало надвор од радарите на дневната политика.

ДВ: Поради вашиот став против абортусот, идеолошки ве сместуваат како поблизок до ставовите на десницата. Дали тоа прашање може да ви ја исцрта и дефинира севкупната „идеолошка“ рамка?
– Имам впечаток дека поборниците на абортусот веруваат оти сите нешта во државата и во светот ќе се средат кога и последниот противник на абортусот ќе се покае и ќе го смени своето мислење!? Толкаво фанатично секташтво, кое не дозволува право на приватно мислење – да не зборуваме за слободата тоа право јавно да се искористи и во јавно изговорен збор! – претставува најотворено загрозување на едно од темелните човекови права, поправо најтемелното право, со оглед на ставот на Аристотел дека човекот е суштество кое зборува! Скандалозно е дека ставот за едно такво прашање може воопшто да биде предмет на јавна прозивка! Не постои прашање кое може (мене или на кој било друг човек) да му ја исцрта/дефинира севкупната ‘идеолошка’ рамка. Освен за оние кои немаат никакви дилеми за тоа дека убивањето деца во одредени околности е чин со кој сите мораат јавно да се согласат.
Повеќе на :

Извор-DW