Мухиќ: Ова вреди да биде во оние нешта за кои се жртвува и животот

,,Договорот и иднината што ја нуди ги надминува сите наши други интереси. Затоа со голема радост и чувство дека имам привилегија да бидам еден од оние што решаваат за нашата иднина, ќе гласам и ќе го поддржам овој Договор“-рече од собраниска говорница пратеникот Ферид Мухиќ.

,,Ако сум готов да го изодам патот на чесност и праведност, за мојот морал, тоа е еден проблем. Но, ризикувајќи дека носам на душа 20.000 луѓе кои гласале за мене тоа е друга работа.

Вториот проблем е проблемот на договорот дали е добар или лош.

Третиот клучен проблем е проблемот за што беше пораката на референдумот.

Според Илија Димовски оваа Влада нема мандат да го покрене прашањето, за промена на Уставот за промена на уставното име , притоа повикувајќи се на Декларација од 2008 година.

Но, ние превидовме нешто што е клучно. Нам мандатот ни го дава првата Влада која ги почна преговорите со Грција. За името преговара само оној кој е подготвен да го смени.Не преговара оној што неќе да го смени.

Преговорите беа за промена на името. Кој не сака преговори за името, требал да одбие да преговара за тоа.

Оваа Влада го наследи тој легиметитет.

Не е спорен ниту мандатот, ниту легиметитетот, туку таа го спроведува она што го почна Владата во 1991 година.

Моето приватно убедување и натаму ќе го бранам жестоко, но сега смееме ли да имаме само приватно убедување.

Ние носиме одговорност. Тоа е обврска која сме ја прифатиле и произлегува од досегашните преговори.

Откако размислив, сега гледам дека има работи во Договорот кои се добри, иако сметав дека е лош.

Не можеше да има подобар Договор, сега се исправам затоа што кога во старт почнуваш да преговараш за нешто што е наметнато, не може да има подобар резултат од овој.

Овој Договор , всушност, нема потреба да се расправа за него, бидејќи не можеше ништо да се направи, кога сте решиле веќе еднаш да го смените своето име.

Тоа е обврска која е почната, ако оваа Влада не го потпише тоа некоја следна ќе мора да го потпише, ако сака во НАТО и ЕУ.

Тоа е завршена работа, прецизирана и потпишана.

Третиот проблем е референдумот. Таму е сосема јасно, правно заклучено дека е неуспешен.

Но, видете, да зборувате дека 1.200 000 граѓани не го поддржале, грешите. Тие не рекоа ништо.

Гласно рекоа шестотини илјади луѓе.

Дали молкот може да го загуши гласното ЗА?

Овој референдум всушност покажува дека сме свесни и соочени со ситуацијата дека нема друго чаре.

Точно, бевме принудени да преговараме за името на државата, но завршува.

И како да кажам, најголем број граѓани веќе бараат да продолжиме со НАТО и ЕУ.

Јасно е дека одбивањето на овој договор, води кон она што ни го кажаа веќе.

Не ја сменивме главата , ако ја сменивме капата.

Главата е иста. Истиот оној горд и самосвесен човек.

Соочен со тоа дека и граѓаните дека сѐ повеќе го бараат тоа, и не само што не сме загрозени, туку го имаме и ќе го сочуваме идентитетот, со длабоко убедување извонредно добро би било да го поддржиме овој договор “-рече пратеникот Ферид Мухиќ.