Набљудувачите на МОСТ регистрирале први неправилности

Едно гласачко место во Куманово било отворено со задоцнување од 15 минути и едно гласачко место во Велес, исто така било отворено 30 минути подоцна, поради немање струја. Ова на денешната прва прес конференција го изјави Дарко Алексов од МОСТ.

Набљудувачите на МОСТ регистрирале и фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон и тоа на едно гласачко место во Радовиш и на едно во Ѓорче Петров. Во Ѓорче Петров била повикана и полиција поради фотографирањето на ливчето.

За предвремените парламентарни избори има голем интерес и од странски новинари, а пријавени се и најмногу набљудувачи досега.Изборите ќе ги набљудуваат 7.585 домашни набљудувачи, 667 странски набљудувачи и 75 странски новинари. Според податоците на Државната изборна комисија, за изборите се акредитирани и 354 преведувачи.