Навидум обична вест за новата градинка ,,Лавче”

Општина Аеродром вчера објави дека во Горно Лисиче општина Аеродром отворила нова детска градинка, се разбира во присуство на ресорните политичари и свештено лице-поп. Градинката има капацитет за 100 дечиња од Горно Лисиче и е изградена на местото на некогашната стара спортска сала во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“.

Објектот на градинката ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип институции и овозможува современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст- се вели во информацијата и потоа се прави попис што има внатре-креветчиња, занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли …. Како да е тоа некое вонредно достигнување и како да може да функционира празен објект.

„Изградбата на нова детска градинка беше реална потреба, со оглед на зголемениот број дечиња во нашата општина“-додава општината и потоа признава дека ова е всушност прва градинка во Горно Лисиче, но брза да се оправда , па вели, но не и последна.

После десет години владеење ова е прва градинка во населено место каде подолг период имало реална потреба од претшколска установа. Не, нема да го спомнувам рајскиот парк, со зоолошка градина што треба да се гради во близина на Горно Лисиче.

Градинката се вика Лавче. Ќе речете ништо чудно, па во истата општина има Срничка, Буба мара, Сонце (е тука сакам да видам кое сонце го користат како илустрација) .

Ќе беше чудно градинката да добиеше име Петокрака ѕвезда, Роза или сличен симбол, па замислете до натписот да ставеа и илустрација…и таму веќе ќе имаше протест на родителите, а жители, преку ноќ, спонтано ќе ја тргнеа таблата.

Вака, ем овците на број, ем волкот сит. Лавче е токму прикладно име за Горно Лисиче. Големите лавови може да им објаснат на малите лавчиња зошто нивната градинка го носи тоа име. По принципот на Мали фини буџетчиња, ништо чудно.

Ова е само продолжување на низата. Па што е едно Лавче, наспроти Фаланга, Александар Македонски, Тодор Александров…

Ова последното навистина е катна гаража, но добро, пак е некаво продолжение на низата. Малите лавчиња кога ќе пораснат таму ќе си ги паркираат своите возила.

Емилија Лазаревска
(една навидум обична новинарска белешка)