Надвор пролет, дома зима

Секоја година иста песна. Радијаторите во нашите домови се студени. Ние, граѓаните, мора да ги плаќаме сметките за парно затоплување, инаку извршител тоа ќе го стори со неколкукратна поголема казна од сметката, но топлификациите немаат обврска да го пуштат парното кога е надвор студено, а дома уште повеќе.

Овие монополски претпријатија имаат законска заштита за ваквото однесување и тоа од државата.

Ние мрзнеме, а плаќаме, тие ни велат таков е првилникот. И така со години. За нас, обичните смртници-сметкоплаќачи е несфатливо зошто е толку тешко да се смени еден правилник и да ја добиеме услугата за која плаќаме во текот на целата година.

Редовно, секој април и мај, се знае дека има дождливи и студени денови, но со децении никој не презема ништо да им се обезбеди квалитетно снабдување со топлинска енерија на граѓаните кои немаат право дури и да го откажат парното во своите домови ако тоа го сакаат.

Регулаторната комисија за енергетика пред неколку дена објави дека на 15 април завршува грејната сезона, но дека топлификациските претпријатија може да продолжат да грејат доколку надвор температурата е во континуитет два-три дена 12 степени и така до 30 април!

Може слободно да заклучиме дека Регулаторната комисија и другите државни институции кои ја регулираат оваа проблематика му обезбедуваат непречен монопол на БЕГ, која патем е приватна компанија.

За жал, во Македонија организацијата за заштита на потрошувачите е тромава и неавторитетна и многу често дури непријателски настроена кон новинарите ако прашаат што преземаат на овој план и дали реагираат некако да се заштитат правата на потрошувачите.

Така, и оваа година, домаќинствата ќе се догреваат со калорифери и доколку не сте работно ангажирани низ домот ќе мора или добро да се облечете или да седите покриени со ќебиња. Тоа е.

АКО.мк