Надлежните да спречат палење огнови, а не да апелираат

И покрај енормната загаденост, дел од жителите на Скопје повторно се подготвуваат да ги палат коледарските огнови.

Не помагаат апелите на Град Скопје, не помогна откажувањето од делење бесплатни дрва, не помогна негодувањето на поголемиот дел станари под чии прозорци се палат огновите, не помогнаа апелите на православната црква, за која ова не е во согласност со нивното духовно учење..

Едноставно, некои луѓе не сакаат да се откажат од овој пагански и штетен обичај, кој во минатите векови бил една од ретките можности да се соберат луѓето на едно место и патем и да им биде топло.

Во денешно време многумина со преселувањето во големите градови, каде нема услови за таква традиција, продолжуваат со старите навики и огновите ги палат меѓу зградите, на тревниците или бетонските плочи низ пешачките патеки.

Згариштата потоа долго тлеат и загадуваат и така останува трајно црнилото низ патеките и парковите, како сведоштво за овој заостанат ритуал, кој порано се практикувал во селските средини и на нивите.

И не само тоа, ова било и од практични причини, бидејќи постарите раскажуваат дека се палеле сувите остатоци од нивите и се подготвувале за следната сезона, но не се сечеле дрва за оваа намена.

Сега, покрај јасни законски одредби со кои е забрането палење оган на отворено, надлежните институции, меѓу кои и Град Скопје, апелираат да не се палат коледарски огнови?!

,,Град Скопје апелира до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено по повод прославата на Божикните празници со цел да се заштити животната средина и амбиентниот воздух.

Апелот е усогласен со градоначалниците на сите скопски општини кои решија да се откажат од доделувањето дрва од општините за оваа намена, со цел да се спречи дополнителното загадување на воздухот во Скопје.

Во изминативе две години Градот Скопје интензивно се бори против огновите на отворено, со единствена цел – да се заштити воздухот од загадување и да се зачува здравјето на граѓаните. Оваа градска управа воспостави целосно нов систем за елиминација на огновите на отворено кои граѓаните можат да ги пријавуваат на телефонската линија 193. Така, во 2018 година се изгаснати 251 оган на отворено, а во 2019 година – 273. Оваа активност Градот Скопје ја продолжува и оваа година“-се вели во нивното соопштение.

Но, апелите не допираат до неосвестените жители на Скопје. Први се да критикуваат за загаден воздух, но остануваат глуви на модерните потреби на едно урбано живеење. Тие веќе ги подготвуваат дрвата и се натпреваруваат кој ќе запали поголем оган.

Следното утро, поднапиените и уморните од коледарчење, ќе поспијат троа повеќе, дури ветерот ги разнесува пепелта и чадот од огновите запалени без причина.

Емилија Лазаревска