Над 400 стопанственици и компании присуствуваа на македонско-грчкиот бизнис форум(видео)

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со претседателот на Владата на Грција, Алексис Ципрас со свои воведни обраќања , вчера го отворија Бизнис форумот на кој присуствуваа над 400 стопанственици и компании од двете земји, во чии рамки беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу двете земји и се одржаа B2B средби помеѓу присутните компании на Бизнис форумот.

„Ова е посебен ден! 

Ова е историски ден кој верувам дека ќе се памети во двете пријателски држави, Грција и Република Северна Македонија со генерации. 

Дозволете ми на почеток да споделам личен сентимент во врска со овој ден. 

Денес стојам исправен гордо пред вас, бизнисмените и граѓаните иако можеше се да заврши многу поинаку. 

Пред една година сѐ уште не можевме да размислуваме дека ова ќе се случи. И јас и мојот драг пријател Aлексис за многу поверојатна ја гледавме верзијата во која веројатно нашите политички кариери доаѓаат до некаков залез по цена нашите две држави да успеат. 

Ние не ги бираме историските околности во кои се раѓаме и со кои треба да се фатиме во костец во моментот кога ги формираме Владите што ги раководиме. 

Ќе се сетите дека патот да дојдеме до овој ден не беше воопшто едноставен и лесен. Оваа Влада откако се формираше, си постави една јасна цел: решавање на горливи проблеми по секоја цена, со цел граѓаните на државата навистина да добијат поквалитетен живот“-рече Заев.

,,Денес за прв пат се одржа меѓувладината седница помеѓу двете држави каде меѓу другото:

  • Воспоставивме совет за соработка на високо ниво – што ќе значи одржување на меѓувладини седници еднаш годишно
  • Развивме акциски план за интензивирање и збогатување на соработката во дипломатијата, одбраната, ЕУ, политиката, меѓународните односи, економија, енергетика, образованието, науката, културата, здравството и земјоделието 
  • Потпишавме договор за соработка во одбраната
  • Потпишавме договор за отворање на нови гранични премини: Промахои – Мајден и Maркова Нога – Агиос Германос
  • Потпишавме меморандум за соработка за ЕУ прашања и транспорт 

,,Се надевам дека сите овие иницијативи ви даваат малку појасна слика што се сме испуштиле во претходните неколку години како две соседни земји кои не можеле да соработуваат за основни меѓудржавни прашања заради спорот кој постоеше“-потенцираше премиерот.

Во 2018 година, Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размената во 2018 година порасна за 20.7% споредено со 2017 година.  Достигната е меѓусебна трговија од близу 1 милијарда долари.

Грција е трет најголем странски директен инвеститор во Република Северна Македонија со вкупно 474 милиони Евра инвестиции од 1997 до 2017 година, или вкупно учество од 10.1% од странските директни инвестиции во државата.