Намалени казните за ,,Шпион”, дел од обвинетите се незадоволни

Апелациониот суд делумно ги уважи жалбите на одбраната и ги намали казните на обвинетите на кои им се судеше за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, изнуда, за оддавање државна тајна и злоупотреба на државна тајна. Само за обвинетиот Ѓеорѓи Хаџи Мицев постапката се враќа од почеток, на повторно судење.

На првообвинетиот Марјан Ефремов, казната затвор од 15 години му е намалена на 10 и пол години.

На поранешниот полициски генерал Горан Стојков, кој беше осуден на казна затвор во траење од 9 години, казната му е намалена за пет години и девет месеци, и сега таа изнесува 3 години и три месеци.

На поранешниот директор на Агенцијата за спречување перење пари и финансирање тероризам Ване Цветанов, казната му е преиначена и сега таа е 2 години условна казна, ако не стори ново кривично дело во рок од 5 години. Првостепената пресуда беше затворска казна од 3 години.

Условни казни добија и обвинетите Маријан Маџоски, Ацо Вучиниќ, Живко Петровски, Тоше Кушиновски и Кирил Соколов.

На Александар Диневски казната затвор му е намалена од 4 и пол години на 3 и пол години.

На Иџет Абди, кому му беше определена казна затвор од 4 години, Апелација му определи казна затвор од 3 и пол години.

Алексо Ангеловски доби половина година помалку од првостепената пресуда, односно три и пол години.

На обвинетите Мирослав Зафировски и Благоја Цветковски казната им се намалува за три месеци, и тие сега се осудени на казна затвор во траење од 3 години и 3 месеци.

На Миќо Насковски, кој беше осуден на казна затвор од 4 години, Апелациониот суд му досуди казна во траење од 2 години и 11 месеци.

Влатко Стаматовски, со одлуката на повисокиот суд доби половина година помалку, односно затвор од три години.

На обвинетиот Цветан Дамјановски Апелациониот суд му досуди затвор од 2 години и 4 месеци, место шест и пол години.

Во утврдените казни се пресметува и времето кое обвинетите го минале во притвор или во куќен притвор.

Специјалното јавно обвинителство, на јавната седница во септември побара намалување на казните. Одбраната, пак, бараше укинување на првостепената одлука и ново судење.

Попладнето Основен суд Скопј1-Скопје соопшти дека Апелациониот суд – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја достави пресудата со КОКЖ 35/15 со која првостепенета пресуда за предметот во јавноста познат како „Шпион“ се потврдува, со тоа што жалбите на обвинетите делумно се уважуваат и пресудата се преиначува во делот на одлуката за казната, додека жалбата на обвинетиот Ѓ.Х. се уважува и во овој дел пресудата се враќа на повторно судење и одлучување.

Во останатиот дел, првостепената пресуда, се потврдува во целост.

Жестоко реагираше Александар Диневски, поранешен разузнавач и вработен во безбедносните служби.Тој на својот ФБ профил за ваквиот развој на ситуацијата ги прозва СЈО и лидерот на СДСМ Зоран Заев. Неговите очекувања од нив биле многу поголеми и сега искажува разочарување и ги повикува да се изјаснат за случајот, а Заев да ги достави бомбите за Шпион на увид на јавноста.