Намалувањето на ДДВ за парно греење за помало загадување и повеќе корисници

Од наредната грејна сезона, се намалува ДДВ за парно греење од 18 на 5 насто.

„Тоа значи дека секое семејство, приклучено на централното парно греење со стан со просечна квадратура, ќе добива пониска сметка за од прилика 220 денари месечно, што е годишна заштеда од скоро над 2600 денари. И добро знаеме дека тоа не е единствената придобивка. Системот на парно греење нуди и најголема енергетска ефикасност, односно има најмала емисија на јаглерод диоксид“, вели Премиерот Заев.

Оваа мерка, како што рече Премиерот Заев има други ефекти од интерес за граѓаните.

„Ќе ги мотивира граѓаните да не се исклучуваат од системот на централно парно греење и ќе биде мотивација повторно да се вклучат околу 14.000 семејства кои од системот на централно парно греење се исклучени од 2012 година до сега. Во исто време очекуваме да се приклучат нови 10.000 домаќинства“, додаде Премиерот Заев. 

Од почетокот на новата грејна сезона, со намалување на ДДВ за испорака на топлинска енергија од 18 на 5%, како што рече заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, се исполнува уште едно ветување коешто е инкорпорирано во Планот за чист воздух. 

„Оваа мерка оди во правец на директивите коишто постојат во Европската Комисија од 2006-тата година, бидејќи централните топловодни системи во земјите на ЕУ, во САД, се една од најдобрите алатки за справување со аерозагадувањето“, истакна заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули. 

Од регулаторната комисија за енергетика, пак, уште еднаш потсетија дека, од неодамна е укинат паушалот за граѓаните коишто се исклучени од системот на централно парно греење.