Нападот врз новинарите изминатата ноќ нема врска со нивната професија

Дејан Андоновиќ, еден од тројцата ноќеска нападнати новинари по излегување од кафеаната ,,Александрија“ во Скопје, за весникот во кој работи, тврди дека нападот врз нив не бил заради нивната професија.

,, Луѓето биле во кафеана, излегле од кафеаната, некој од оние „фраери“ што во последно време често се среќаваат на скопските улици, возел 200 на саат, ќе ги изгазел за малку, по што еден од новинарите изреагирал, му довикнал, и тоа било доволно за скопскиве насилници да застанат, и сите петмина да излезат од бесното БМВ и да ги нападнат. Значи колегите наши не биле нападнати како новинари, туку како обични граѓани. Дечките сигурно поим немале дека тројцата се новинари, уште помалку дека се некакви критичари на власта. Ги нападнале за да испаднат мангупи, демек кои сте вие нас да ни кажувате што даправиме и да не пцуете“-пишува Слободен печат.

Но, пишувањето на проопозициските портали и изјавата на еден од нападнатите, инаку новинар во Алфа ТВ, прејудицираат напад со позадина, која треба да се насети од нивното кажување.

,, Се’ се случи со молскавична брзина, немаше ниту причина ниту провокација, јас и двајцата колеги сите со над 20 годишно искуство во новинарството, Дејан Андоновиќ и Петар Серафимовски беа со мене и поминавме убава вечер, а потоа продолживме накај дома и на улицата влета една кола од која излегоа неколку луѓе и скокнаа врз нас“, со овие зборови новинарот Љупчо Цветановски денеска сведочи пред камерата на КУРИР и додава дека се“ изгледало некако симптоматично.

Без да се дочека официјалната причина за нападот, Влада на РСМ, односно нејзиниот министер Роберт Поповски, му дадоа политичка конотација на целиот случај.

Во соопштенеито се вели:

,, Владата на Република Северна Македонија најостро го осудува нападот врз новинарите што минатата ноќ се случил во Скопје, и овие инциденти ги оценува како неприфатливи и недозволиви.

Поаѓајќи од својот деклариран став за нула толеранција за какви било напади, закани, уцени или притисоци, Владата на Северна Македонија укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, треба да биде најостро осуден и санкциониран, и во таа насока ги повикува институциите итно да ги преземат сите неопходни мерки да се откријат и казнат сторителите.

Во оваа прилика, покрај она што го прави Владата во врска со обезбедувањето на демократските услови за почитување на слободите, уште еднаш апелираме и сите останати засегнати, обвинителството и судовите, како и организациите од граѓанскиот сектор, да алармираат и постапуваат за секој напад или закана против медиумските работници.

Владата на Северна Македонија, како и досега, ќе се залага сите регистрирани попречувања на работата и напади врз новинарите и медиумските работници да бидат институционално расчистени“-се вели во ова соопштение.

Министерот Роберт Поповски, на социјалните мрежи дури ги повика институциите да го решат нападот врз новинарите, а инцидентот го стави во категоријата ,,притисок или закана врз новинарите и медиумите“.

„Силно го осудувам синоќешниот напад на тројцата мои колеги новинари, Љупчо Цветановски, Дејан Андоновиќ и Петар Серафимовски. Мојот став е нула толеранција за каков било напад, притисок или закана врз новинарите и медиумите. Професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во секоја демократска држава. Затоа ги повикувам институциите да покажат одговорност, да ги пронајдат напаѓачите и да постапат соодветно“, сподели Поповски.

Фото: ресторан ,,Александрија“