По должина на патот од Скопје кон Охрид, посебно делот Гостивар-Кичево и после Кичево, владее тотално безвластие, непочитување на законите, природата , но и другите луѓе кои поминуваат транзитно низ оваа делница.

На излезот од Кичево, пред домовите на локалните жители, шетаат баби со внуци и поминуваат луѓе покрај дивата депонија како да е цветна градина

Секое педа земја, секој паркинг се претворени во диви депонии.

Глетката е вознемирувачка, ужасна и опасна по здравјето.

На еден од паркинзите на сообраќајницата Гостивар-Кичево има огромна депонија

Тука локални жители од околните села одалечеени и по неколку километри го носат своето ѓубре и отпад. Стар мебел, кревети, чевли, градежен шут, остатоци и заколени животни…

Хорор паркинг неисчистен со години


Ниту некој води контрола кој фрла овде, ниту има инспекција, ниту полиција, ништо. Ниту пак некој чисти. Најнесфатливо е како просторот меѓу двата правци на автопатот Скопје-Госстивар, каде има и дрворед на некои места, е претворен во депонија.

Но, една низа на државни и локални институции, на чело со партиски функционери, не си ја работат работата за која се платени.

Во позадина убава природа, село, ама џабе,за кого?

Оваа глетка е секојдневие за македонските туристи кои одат кон Охрид, и најголем дел од нив веќе воопшто ниту забеележуваат, ниту реагираат, но странците? Ваква ли Македонија треба да запознаат? И кога друг пат би дошле тука после ваква глетка?

Ова нека биде опомена за партиите и нивните функционери, или реагирајте и итно поправете ги работите и на еколошки план, или разрешете ги тие што ништо не работат, или секои наредни избори ќе ги трпите последиците поради непостапување.

Емилија Лазаревска, за Ако.мк