Наставникот Бумбароски: Ме загрижуваат разгалени родители и нивните разгалени деца

Гоце Бумбароски, наставник во ОУ ,,Кочо Рацин“ во Прилеп, кој преку својата ФБ страница ,,Наставник Гоце Бумбароски“ анимира повеќе од 5.000 следачи, но и други со своите ставови за образованието и образовниот процес, вели дека е подготвен своите деца да ги испрати во училиште и градинка. Верува во нивната одговорност. Него го загрижуваат разгалени родители и неодговорните институции.

,,Точно пет месеци училиштата се под посебен режим на работа поради ситуацијата со Корона вирусот. И замислете, по 5 месеци ние немаме официјален став од надлежните за почетокот на новата учебна година која наскоро ќе ни тропне на врата. Кога велам надлежни не мислам само на министерствата. Едно нешто не можам да разберам, а тоа е тоталната централизација. Министерството одлучува за сите нас, а ние немаме исти услови за работа, и немаме иста стартна точка“-вели Бумбароски.

Секоја општина, секое училиште, секое одделение, секое семејство се приказна за себе, смета тој и прашува, зарем не е најдобро секоја општина, училиште, учител и семејство да одлучуваат за начинот на реализација на наставата од 1ви Септември?

,,Како родител подготвен сум моите деца да ги пратам во училиште/градинка затоа што верувам во нивната одговорност и почитување на протоколите за заштита од Ковид19. Мене ме загриживаат несовесните родители кои и пред оваа пандемија ги праќаа своите деца под лекарства и терапија во училиште/градинка, ме загрижува нивната безгрижност, лажирани бактериолошки брисови… Ме загрижуваат разгалените родители и нивните разгалени деца“-вели тој.

Овој наставник, кој исто така е и родител, вели дека е подготвен да ја даде својата поддршка за онлајн наставата, доколку тоа е единственото понудено решение.

Сепак, претпочита физичко присуство на наставата.

,,Како наставник ќе им излезам во пресрет на сите мои ученици.

За сите родители кои сакаат нивните деца да посетуваат настава со физичко присуство јас ќе им бидам достапен на моето работно место со сите потребни пропишани протоколи за заштита. На оние родители кои сакаат нивните деца да следат онлајн настава исто така ќе им излезам во пресрет со тоа што ќе можат да добиваат задолженија преку онлајн платформа“-вели Бумбароски.

Според него, одговорноста е кај сите подеднакво.

,,Најлесно е да ги обвиниме наставниците или родителите за различните размислувања кои ги имаат. Но, одговорноста е кај секој од нас. Доколку сите одговорно постапуваме и се придржуваме кон правилата, нема потреба од грижи, навреди и префрлање на топката од едни кон други“-заклучува наставникот од Прилеп.

Порачува дека движењето е многу важно за децата.

,,Затоа не смееме да им дозволиме да седат и да гледаат во екранот седум или осум часа. Живи суштества што не се движат се растенијата, тие немаат неврони, а мозокот се развива во движење. Детето мора да открие додека учи“ – го цитира Ранко Рајовиќ овој наставник.

ФотоФБ: Наставникот Гоце Бумбароски со своите ученици