Наумоски: На Героски му пречат,, децата што си играат политика“, но секогаш е другар со политичарите

Шефот на Кабинет на градоначалникот на Скопје, Никола Наумоски, препознавајќи се во една од колумните на новинарот Бранко Героски, по пат на социјалната мрежа ФБ, му одговори неформално на критиките дека – ,,некои деца си играат политика“.

,,Чаплин ми се чини имаше еден филм кај што работеше ко стаклар и одеше по град тајно кршејќи прозорци и нудејќи поправки отпосле… Така и Геро, ќе си објави крајно манипулативен наслов, ќе го извади од контекст, ќе си смисли нови зборчиња за да му звучи боље, ќе крене голема бука, ќе го распламти огнот… и после ќе пишува колумни како се гаси оган и како се води држава генерално.

У колумните има навика уште во првиот параграф да каже дека не мисли ништо лошо. По правило, он е пријател со сите политичари, без разлика на боја и дали тепале новинари, па критиките не се насочени кон нив (неговите соборци од улиците), туку кон децата кои си играат политика во нивно име (нема појма кои се, тоа се некои нови дечки испилени пред 2-3 месеци, со нив не мерел улици…). Се сеќавам дека ваквите стакларски услуги ги понуди во колумна објавена 15 минути по неуспешниот референдум за ГТЦ, каде повторно вината ја посочи кон децата, а не кон своите другари политичари (за кои одувек имал високо мислење, не знам дали спомнав!)“-напиша Наумоски, кој изминатите неколку години стана познат во дел од јавноста како граѓански активист, кој често ги критикуваше локалните политики и протестираше на граѓанските протести организирани преку социјалните мрежи.

Бранко Героски во својата последна колумна објавена на 16.12.2017 со наслов ,,Скопје (ч)исто ти ќе бидеш“ , меѓу другото пишува:

,,Драг наш Петре,

Градоначалниче на Скопје, извини што ти се обраќам вака, епистоларно, а згора на тоа и не ти персирам. Сакам во оваа прилика со тебе да проговорам како приличи меѓу другари и соборци. Оти, се надевам дека не си заборавил дека и јас и ти, како и многу луѓе што деновиве на твоја адреса ги упатуваат критиките поради енормното загадување на Скопје, заеднички, секој на свој начин, се боревме за уривање на режимот на Никола Груевски. Од мене и од нас не треба никој да те брани и те молам, не дозволувај кој било тоа да го прави во твое име и за твоја сметка.

Јас сум малку повозрасен од некои твои најблиски соработници, па ги паметам и времињата кога во градот работеа фабрики и кога од фабричките оџаци излегуваше чад. Паметам магли кога прст пред око не се гледаше. Паметам смог каков што денес не може ни да се замисли. Но, тоа беа други времиња. Загадувањето не се мереше така интензивно и прецизно како сега, а во последниве години во целиот свет, па и кај нас, порасна свесноста за штетните последици од аерозагадувањето. Сето ова треба да го имаме предвид кога зборуваме и пишуваме за овој проблем, како што и ти требаше да бидеш малку повнимателен во текот на изборната кампања, кога скопјани твоите (неорочени) ветувања за чист воздух ги зедоа здраво за готово.

Сакам да ти кажам дека повеќето од нас, разумни и добронамерни луѓе, знаеме дека ти, драг наш Петре, не само што не си виновен за загадувањето, туку и навистина не можеш проблемот да го решиш со волшебно стапче. Значи, кажи им на твоите соработници и на сите кои се караат со нас на социјалните мрежи, дека ние тоа, едноставно, го знаеме. Но, она што ти треба да го знаеш (а тие треба да го научат) е дека градоначалникот на Скопје не се нарекува татко на градот за ние, неговите жители, само да го обожуваме и да го почитуваме како татко, туку и да плачеме на неговото раме, а понекогаш и да го пцуеме како што се пцуе татко. Додуша, ова последново не е баш дел од македонскиот комуниколошки табиет – кај нас се пцуе мајка, нели – но го има тоа кај нашите соседи Срби (оца ти јебем, пцујат тие).

Драг наш Петре, на реакцијата на американската амбасада, која прашува дали имало идеи како да се реши проблемот на загадување (бидејќи Скопјево било толку загадено што кутрите Амери не можеле ни зградата да си ја видат), јас одговарам вака – тоа прашање да им го постават на невладините организации и на медиумите на кои им делеа пари сиве овие години. Јас така можам да им одговорам, но ти градоначалниче, не смееш. Обратно, ти треба да научиш една типично американска поговорка, што напати и јас ја цитирам. Вели вака: кога влегуваш во избербатен нужник, не дискутираш кој ја заговнил работата, туку прво пушташ вода, па луфтираш и после дебатираш кој што направил и што требало да се направи.

Сите овие дебати што сега ги водите со разни невладини организации, за „мапирање на проблемот“, за „подигање на свесноста“, за „креирање решенија“ и слично, дебати кои се очекува ние да ги „дисеминираме“ (за оние што не знаат, на оној грозен енџиовски речник, ова последново значи – да ги објавиме), се токму тоа што сега не треба да се прави. Тоа е дискутирање во заговнет нужник.

Ништо од сето тоа сега не ни е потребно и не ни помага! Тоа е губење време и енергија. Не велам дека на невладините организации, на експертите и на разните добронамерници треба да им се забрани да дискутираат, да истражуваат, да предлагаат решенија, да бараат чаре. Има меѓу нив многу сериозни луѓе. А има и грантови што треба да се потрошат. Значи, нека си се дебатира, градоначалниче, но не дозволувај тие дебати да ја одземат твојата енергија и енергијата на твоите најблиски соработници. Од тебе сега се очекува нешто друго – ти треба да го сториш она што можеш да го сториш сега и веднаш!

Рековме веќе, Скопје не може да стане чисто оваа зима. И идната нема да биде чисто. Но, не мора да биде исто. Читам како твоите соработници се фалат што сè било сторено за кусо време. Браво за тоа, но прости ми што морам да ти кажам дека тоа не е доволно. Едноставно, не е доволно! ….“-пишува Героски.

Никола Наумсоки е назначен за Шеф на Кабинет на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Негова, но и карактеритика на повеќемина државни функционери, советници и директори, кои пак беа дел од Шарена револуција или од разни невладини организации и движења, и покрај тоа што станаа дел од државниот апарат, е што продолжуваат на ист начин да коментираат и критикуваат на ФБ, како и претходно. Сега фокусот е на сите оние што ја критикуваат новата политичка гарнитура која е на власт.

Оваа пракса на неформално комуницирање со јавноста и испраќање пораки преку ФБ кои се поврзани со нивната државна работа, не наоѓа почва во пошироката јавност. Напротив.

Единствен функционер кој јавно се откажа од сите политички фунции во партијата и најави дека отсега нема да ги искажува своите лични ставови на социјалните мрежи е Лидија Димова, која е назначена за Директорката на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

АКО.мк