Најстарата автентична куќа во струшката чаршија пред уривање, сопственикот нема пристап до неа

Еден од сопствениците на стара семејна куќа во чаршијата во Струга, Глигор Ќато, на својот ФБ профил објави фотографии од куќата, која се наоѓа во очајна состојба. Тој бара да добие пристап до неа за да спречи натамочно руинирање на еден од најстарите и автентични објекти во во старата струшка чаршија.

Раскажува дека поради несредени имотно-правни односи и непостапување на надлежните служби, нема пристап во куќата и бара да се реши конечно овој спор.

,,Како сопственик на 1/4 идеален дел од оваа куќа ми претставува обврска да се обратам. Оваа куќа е најстарата и најавтентичната во струшката чаршија. Истата е во состојба како што можете да ја видите на сликите. Се бројат деновите, односно месеците кога чардакот ќе се урне. Доколку тоа се случи Струга најверојатно ќе ја изгуби најстарата и најавтентичната куќа во струшката чаршија и со тоа и нејзино културно богатство. Дополнително, она што најмногу ме плаши и фактот што самата куќа претставува опасност по животот на пешаците во чаршијата“вели Глигор Ќато.

Објаснува дека не му е дозволен пристап од жена која живее таму, а Општина Струга и другите надлежни органи засега не реагираат.

Поведен е судски спор, но со оглед на времетраењето, опасноста од уривање на оваа стара куќа секојдневно е поголема.