На молитвениот појадок во Вашингтон првите луѓе на ,,Алкалоид”, ,,Триглав осигурување ” и ,,Еколог”

На 65 традиционален Молитвен појадок во Вашингтон годинава присуствуваа генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов со сопругата Емилија, извршниот директор на „Триглав осигурување“, Ѓорѓе Војновиќ со сопругата Маја, Вицегувернер на Народната Банка на Македонија, како и Лазим Дестани, сопственик на компанијата „Еколог“. Веќе вообичаено таму беше и Вилма Трајковска, сопруга на починатиот претседател Борис Трајковски, која е и основач на фондацијата „Борис Трајковски“  и извршниот директор на Фондацијата, Роберт Милчев.

Како што соопшти АД „Алкалоид“, претставниците на Република Македонија се вброија меѓу одбраното друштво од над 3.000 угледни гости од 140 земји и 50 конгресмени од светската бизнис и политичка елита, на чело со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Централната церемонија во рамки на престижниот настан чија цел е продлабочување на меѓународните врски и меѓусебната грижа, како и маргинализирање на различностите помеѓу луѓето, традиционално се одржала во хотелот „Вашингтон Хилтон“.

– Покрај главниот збор, кој по традиција за време на овој настан го има американскиот претседател, во рамки на активностите поврзани со 65. Молитвен појадок, впечатливо обраќање имаа и американскиот Сенатор од Флорида, Марко Рубио, Рабинот Хасел Лукстин и Рабинот Киш, еминентни сенатори и верски лидери како и Кралот Абдула од Јордан, се вели во соопштението на Алкалоид.

 На молитвениот појадок оваа година немаше претставници на политички партии или државни функционери.