На повидок коалициски договор ВМРО ДПМНЕ-ДУИ?

Раководствата на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ паралелно заседаваат во своите партиски седишта каде најверојатно, се договараат последните детали околу новата коалиција. Во седиштето на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски во 19 часот ги собра коалициските партнери, помали партии со кои настапи на изборите. Раководствата на овие партии изразуваат оптимизам дека во текот на вечерта ќе биде објавен договор за состав на нова Влада со ДУИ.

Од друга страна Али Ахмети со централното претседателство ги прави последните консултации, на кои според партиски извори, тој ги информира што е прифатено од страна на Груевски.

Во секој случај, до последен момент јавноста се држи во неизвесност, но според извори во ДУИ, партијата наскоро треба да излезе со официјален став и соопштение околу идната коалиција со ВМРО ДПМНЕ.

Извесно е дека ако се постигне коалиција, ДУИ ќе добие една од трите клучни позиции, најверојатно претседател на Собрание, а ВМРО ДПМНЕ ќе мора да попушти и пред барањето за двојазничност на цела територија на Македонија, но како што неодамна и изјави Груевски, за тоа веќе постои Закон врз чија основа тоа ќе се спроведува.

АКО.мк