На улица гробар, на работа учителка

Директорката на училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во Битола Кристина Полизовска вели дека нема надлежност да реагира за однесувањето на вработените надвор од училиштето каде е вработена симпатизерката на ВМРО ДПМНЕ која синоќа славеше со погребален крст со името на Заев низ улиците на Битола.

Во телефонски разговор за порталот „САКАМ ДА КАЖАМ.МК“ Полизовска рече: „Нема да коментирам нешто што се случило надвор од училиштето и работното време, ниту го оправдувам, ниту го осудувам, ако се случеше во школото прва ќе реагирав“.

Наставничката Жанета Петровска од Битола, која синоќа на прославата на ВМРО-ДПМНЕ носеше надгробен крст со името на Зоран Заев ќе помине неказнето за нејзиниот нецивилизациски чин бидејќи и Просветниот инспекторат се оградува од надлежност за поведението на вработените надвор од училиштата.

Но затоа не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи откако таа гордо се сликаше со крстот в раце. Згрозеност од нејзината постапка искажуваат многумина, а главното прашање е како некој што посакува смрт на друг на ваков начин ќе ги учи децата на кои им предава. Со какви квалитети таа станала учителка, а уште повеќе што ќе ги научи децата на почеток на нивното образование?

Крстот со името на Зоран Заев го носеа и други приврзаници на ВМРО ДПМНЕ изваден од прозорците на автомобилите додека свиреа низ улиците на Битола.

ВМРО ДПМНЕ ги загуби изборите во Битола ,а по повеќегодишна нивна доминација по откриените криминали на градоначалникот Владимир Талевски, СДСМ ја врати предноста со над 2000 гласа пред ВМРО ДПМНЕ.