На 11-ти октомври протестен марш на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе организира протестен марш на 11 октомври, кога се празнува Ден на востанието на македонскиот народ. Од партијата велат дека на овој начин симболично ќе покажат дека борбата продолжува, не е завршена, а сега тоа е, како што велат, против оваа ненародна и криминална власт. Протестот ќе биде со граѓански концепт, општонароден, а ќе има обраќања на голем број познати граѓански активисти и личности кои на свој грб ја почувствуле неправдата од груевизмот, велат во СДСМ.

Вчера заменик претседателот Радмила Шеќеринска рече СДСМ се подготвува за избори на 11 декември, затоа што на граѓаните треба да им се пружи шанса да ја казнат оваа влада за криминалите -,, се подготвуваме за избори на 11 декември, заради тоа што сметаме дека на тој ден граѓаните ќе кажат свое мислење и за прашањето за СЈО и за прашањето од потребата на правда во оваа држава и дека ќе ги казнат сите оние кои бегаат од избори. Ќе ги казнат сите оние кои бегаат од вистинско лоцирање и казнување на криминалот. Заради тоа, мислам дека ова што вчера и денеска го прави и ВМРО-ДПМНЕ, но и други партии во македонското собрание, покажува каде треба да ги бараме криминалот и корупцијата во Македонија” – рече Шеќеринска.

Шеќеринска вели дека клучното прашање е дали Собранието ќе донесе одлука за продолжување на мандатот на СЈО и за заштита на сведоци. Она што станува јасно е дека владејачките партии се плашат и бегаат од цела истрага во врска со прислушувањето и предмети кои произлегоа од тоа – изјави таа.

,,Десет години Груевски бега од дуели. Десет години ВМРО-ДПМНЕ бега од соочување. 10 месеци Груевски бегаше од Анкетна комисија за прислушкувањето во Собрание. Сега станува јасно дека виновниците сакаат по секоја цена да избегаат од вистински истраги. Само луѓе кои се со двете раце во криминал можат да кажат не на закон со кој што ќе се заштитат сведоците кои што можат да дадат информации и докази за сериозен криминал и сериозна корупција. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ покажаа дека се во служба на криминалот, а не во служба на правдата” рече Радмила Шеќеринска запрашана како го коментира отфрлањето на нивниот предлог за продолжување на мандатот за истраги на СЈО и на Закон за заштита на сведоци.