На 15 март во 12 часот ќе биде изречена пресудата за 27 април

Основниот суд Скопје 1 – Скопје , известува дека утре 15.03.2019 година во 12 часот ќе биде изречена пресудата за предметот со КОК бр. 40/18 поврзан со настаните од 27 април 2017 година.

Заради големиот интерес за изрекување на пресудата, судот ги предупредува медиумите и невладините организации кои се акредитирани за следење на овој судски процес, да влезат во судската сала најдоцна 15 минути од закажиниот рок.

Најголемиот судски предмет за така наречениот „крвав четврток“ во Собранието што се случи на 27 април 2017 година, започна во август минатата година против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“, а согласно Законот за амнестија за настаните во Собранието донесен во декември 2018 година досега амнестирани се 15 обвинети.

На обвинителна клупа останаа петмина кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој е сега во притвор, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски и Јане Ченто и  Игор Југ од патриотските здруженија, како и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.

Судот ги одби барањата за амнестија на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.

Со 95 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието на 18 декември го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година.

Согласно Законот, амнестијата не се однесува на организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петмината пратеници – Крсо Мукоски,Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.