На 6-ти ноември конгрес на СДСМ

На 6-ти ноември во Скопје СДСМ ќе одржи конгрес на кој ќе се утврдат кандидатите за пратеници. Од партијата велат дека во меѓувреме општинските организации доставуваат листи со предлози. СДСМ неодамна објави дека за кандидати за пратеници може да се кандидира секој, што значи и оние што немаат партиска книшка.

Во едно интервју Стево Пендаровски, кој беше кандидат за Претседател на СДСМ последните претседатеслки избори , рече дека на пратеничките листи ќе се најдат најверојатно и некои од ,,шарените револуционери”.

Битолските социјалдемократи до централата на СДСМ во Скопје веќе испратиле листа со 20 потенцијални кандидати за пратеници на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември. Меѓу најзвучните имиња за евентуални кандидати за пратеници се потпретседателот на партијата и актуелен дополнителен министер за информатичко општество, Александар Кирацовски, пратениците во последниот парламентарен состав Јулијана Силјановска и Васко Ковачевски, шефот на изборниот штаб на СДСМ во Битола, Методија Тасевски, советници во Советот на Општина Битола.

Од ВМРО ДПМНЕ за Актуелно велат дека е неизвесно дали воопшто ќе се одржи предизборен конгрес, но процедурата за кандидирање во партијата веќе тече, а на крај според статутот, последниот филтер ќе биде направен во Извршен и Централен комитет.